ССНМ: Ослободете го Џулијан Асанж, почесен член на нашите организации

Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ) се приклучува на кампањата на Меѓународната федерација на новинар и на Европската федерација на новинари во солидарност со Џулијан Асанж кој е во притвор во Обединетото Кралство од 2019 откако беше обвинет за „шпионажа“. Ако го осудат, ќе се соочи со казна затвор до 175 години.

Од ССНМ велат дека се приклучуваат на заедничката декларација иницирана од Италијанскиот синдикат на новинари со поддршка од Претседателката на ЕФЈ, Маја Север која предвидува новинарските синдикати и асоцијации симболично да го прогласат Асанж за нивни почесен член. Декларацијата денеска ќе и биде презентирана на Стела Асанж на настан во Рим.

„Ослободете го Џулијан Aсанж, почесен член на нашите организации! Ние долупотпишаните, европски синдикати и здруженија на новинари, се приклучуваме на Меѓународната федерација на новинари во повикот до владата на САД да ги отфрли сите обвиненија против Џулијан Асанж и да му дозволи да се врати дома кај неговата сопруга и децата. Ние сме сериозно загрижени за влијанието на долготрајниот притвор за Асанж врз слободата на медиумите и правата на новинарите од целиот свет и ги охрабруваме Европските влади активно да се заложат за да обезбедат ослободување на Џулијан Асанж“, стои во декларацијата.