МВР: Го испитуваме постапувањето на полицајците, нема поднесок од МВР против новинарката Делевска

Министерството за внатрешни работи (МВР) информира дека Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди го испитува постапувањето на полициските службеници во врска со поплаката од едно лице против новинарката Соња Делевска од медиумот СДК.мк.

„Потенцираме дека нема никаков поднесок против новинарката од страна на МВР ниту пак таков поднесок ќе има. МВР во изминативе години гради партнерски однос и со новинарите и со новинарските здруженија и комплетно сме посветени на постојано унапредување на соработката, што е постојано потенцирано и од новинарите и од релевантните организации. Комплетно ја поддржуваме слободата на говорот и таквата пракса продолжува и во иднина“, соопштува МВР.

Претходно СДК.мк објави дека денеска во полициска станица на „службен разговор во врска со поплака“ за објавен текст била повикана нивната новинарка Делевска, откако добила покана во саботата од вооружени полицајци на домашна адреса.

Според медиумот, пријавителката е државна службеничка, раководителка на едно од местата во Министерството за правда, која според пријавата против Делевска, почувствувала вознемиреност по нејзиното здравје и по угледот, по објавен текст на СДК.мк.

„Пријавата, односно повикувањето од полицијата е во врска со објавениот текст ‘Адвокатка тврди дека ѝ бил побаран поткуп од раководителка во министерството за правда, а откако одбила била уценувана да се откаже од парите што ѝ следуваат’, објавен на 27 април, 2022. Адвокатката за доцнењето на исплатата од Министерство за правда спорот го добила на Управен суд. Парите уште не ѝ се исплатени, но затоа Министерството ја избриша од регистарот на адвокати што даваат бесплатна правна помош за кои трошоците ги покрива Министерството“, информираше медиумот.

Од СДК.мк посочија дека во текстот е цитиран извор со име и презиме, а раководителката од Министерството за правда воопшто не е спомната.

Случајот за повикувањето на новинарката во полиција веќе го осудија и побараа негово расветлување од Здружението на новинарите на Македонија, Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ) и Хелсиншкиот комитет за човекови права.