Новинарка на СДК.мк повикана во полиција за објавен текст

Онлајн медиумот СДК.мк објави дека денеска во полициска станица на „службен разговор во врска со поплака“ за објавен текст била повикана нивната новинарка Соња Колевска-Делевска, откако добила покана во саботата од вооружени полицајци на домашна адреса.

Според медиумот, пријавителката е државна службеничка, раководителка на едно од местата во Министерството за правда, која според пријавата против Делевска, почувствувала вознемиреност по нејзиното здравје и по угледот, по објавен текст во СДК.мк.

„Пријавата, односно повикувањето од полицијата е во врска со објавениот текст ‘Адвокатка тврди дека ѝ бил побаран поткуп од раководителка во министерството за правда, а откако одбила била уценувана да се откаже од парите што ѝ следуваат’, објавен на 27 април, 2022. Адвокатката за доцнењето на исплатата од Министерство за правда спорот го добила на Управен суд. Парите уште не ѝ се исплатени, но затоа Министерството ја избриша од регистарот на адвокати што даваат бесплатна правна помош за кои трошоците ги покрива Министерството“, објави медиумот.

Од СДК.мк посочуваат дека во текстот е цитиран извор со име и презиме, а раководителката од Министерството за правда воопшто не е спомната.

„Ова е прв случај за напишан текст МВР, иако не е надлежно, да повикува новинар на разговор. Впрочем, и на службениот разговор денеска, тоа го потврди надлежниот полицаец/инспектор. Во разговорот, службеното лице објасни дека на пријавителката ѝ било укажано оти она што таа го бара од полицијата е надлежност на граѓанска постапка. Пријавителката, иако е од Министерството за правда, инсистирала Делевска да биде повикана во полиција, а во станицата Беко прифатиле, оти како што ни беше кажано, морале да постапат по секоја пријава од граѓанин“, информира медиумот.

За повикувањето во полициска станица на Колевска-Делевска реагираа и од Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ). Од таму посочуваат дека полициска интервенција за напишан текст е пракса на други политички системи и општества каде што слободата на медиумите е загрозена, а слободата на изразување казнувана.

„Бараме, експресно расветлување на случајот, брзи одговори и јавно извинување бидејќи ваквата полициска постапка длабоко задира и во инаку кревката сигурност на новинарите во земјата, а ги спори и макотрпните заложби на новинарските организации за заштита на новинарската професија, безбедноста на медиумските работници и слободата на говорот како фундамент на нашето демократско општество. Дополнително, ваквиот чин би можел да создаде пракса на барање на суетни административци на полициски распит да се повикуваат новинари за објавени текстови, што е неприфатливо. Оттаму вознемирувањето на еден новинар го доживуваме како атак врз целата професија. И нема да (Ви) молчиме“, стои во реакцијата на ССНМ.

Здружението за новинари на Македонија (ЗНМ) бара МВР да спроведе итна внатрешна истрага за случајот со Делевска. Тие остро го осудуваат овој случај и предупредуваат дека повикувањето на новинари и медиумски работници на службен разговор во полиција поради објавен текст води кон цензура и самоцензура кај новинарите.

„Овој случај со колешката Делевска може негативно да се одрази на слободата на јавното информирање и говор. Предупредуваме дека доколку ова стане пракса може сериозно да ги ограничи новинарите слободно да известуваат за прашања од јавен интерес и истовремено да ги обесхрабри тие да работат на теми кои се поврзани со корупција и злоупотреба на власт. Затоа бараме од МВР да спроведе итна внатрешна истрага за овој случај“, се вели во реакцијата на ЗНМ.

Укажуваат и дека било кој граѓанин доколку е незадоволен од начинот на известување во медиумите на располагање ги има саморегулативните механизми.

„Сметаме дека за случаи во кои граѓанин се жали на евентуална клевета или навреда припадници на МВР не смеат да ‘дисциплинираат’ новинари преку повикување на службени разговори во полициска станица“, реагираат од ЗНМ.

Своја осуда упатија и од Хелсиншкиот комитет за човекови права. Повикувањето на новинар на разговор во полициска станица од вооружени полицајци, а за прашање кое не е кривично дело, туку се процесира во граѓанска постапка за евентуално утврдување на граѓанска одговорност за навреда и клевета, Хелсиншки смета дека се коси со уставните начела што го гарантираат слободниот пристап до информациите, слободата на примање и пренесување на информации.

Комитетот, исто така, вели дека е проблематично тоа што полицијата потклекнала пред барањето на пријавителката, која инсистирала новинарката Делевска да биде повикана во полициска станица.

„Со оглед дека пријавителката е државен службеник, а случајот за кој известува Делевска е во насока на разоткривање коруптивни активности во министерството, постапувањето на полицијата кон новинарката Делевска, покрај тоа што ги загрозува новинарските слободи и уставно загарантирани права, може да се смета и за директен притисок врз нејзината работа од страна на институциите. Поради сето ова, Хелсиншкиот комитет бара од Секторот за внатрешна контрола и професионални стандарди при Министерството за внатрешни работи да ја истражи основаноста на постапувањето на полициските службеници во овој случај и да ја извести јавноста за исходот. Хелсиншкиот комитет потенцира дека на ниту еден начин не смее да се загрозува почитувањето на слободата на изразување и пристапот на информации гарантирани во Европската конвенција за човекови права и во Уставот, како највисок правен акт во државата“, стои во реакцијата на Хелсиншки.

Иаку, Соња Колевска-Делевска е долгогодишна истакната професионална новинарка, која покрива теми од судството и антикорупција. Таа е годинашна добитничка на „Јашар Еребара“ за најдобра истражувачка сторија на Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ).