ССНМ и ЗНМ: Институциите итно да реагираат и по заканите кон Коровешовска

Самостојниот синдикат на новинарите во Македонија (ССНМ) уште еднаш ги повика институциите да реагираат на заканите кои Емил Јакимовски ги упатува до новинарите. По заканите кон новинарката на „А1он“ Мери Јордановска, тој викендов испратил и закани по безбедноста кон Искра Коровешовска, уредник во „ТВ Алфа“.

Претходно Јакимовски на својот фб профил објавил и недолична содржина за Коровешовска со цел да ја дискредитира, користејќи недолични и крајно навредливи зборови, посочуваат од ССНМ.

„Со оглед на тоа што во период од неколку дена, повеќе новинари се огласија дека добиваат закани од истото лице, ССНМ бара од МВР и ОЈО итно да преземат мерки за ваквите напади и закани врз новинарите, бидејќи во спротивно несанкционирањето на заканите ќе значи и охрабрување за сите кои сметаат дека на таков начин можат да се справуваат со новинарите.

Истовремено, ССНМ ги охрабрува новинарите и медиумските работници веднаш да ги пријавуваат ваквите закани, онлајн малтретирања, навреди и напади до синдикатот, како и до соодветните институции бидејќи само со заедничка и здружена реакција може да се врши поголем притисок врз институциите за да реагираат. Давањето јавност, пак, на ваквите случаи се покажало како начин за обесхрабрување на оние кои се обидуваат на најразлични начини да ги замолчат новинарите“, додаваат од Синдикатот.

ССНМ истовремено ги повикува сите новинари и медиумски работници, кои се предмет на било какви закани, онлајн малтретирање, физички или вербални напади да го пријават тоа на бесплатната линија – 0800 11 011.

Реакции дојдоа и од Здружението на новинарите на Македонија, кое најостро ги осуди заканите и навредите упатени кон уредничката на „ТВ Алфа“, Искра Коровешовска од страна на лицето Емил Јакимовски. Станува збор за истиот заканувач кој неодамна на сличен начин испрати закани и до новинарката Мери Јордановска.

„Загрижува фактот што во двата случаи, заканите содржат елементи на родова дискриминација, а ваквиот притисок кон жените новинари е сериозна пречка за слободата на изразување, слободата на медиумите и правото на граѓаните да бидат информирани“ – пишува во соопштението.

Здружението вели дека е во контакт со Министерството за внатрешни работи за двата случаи од каде им било ветено дека ќе работат на целосно расчистување на овие напади.  ЗНМ го повикува и Основното јавно обвинителство да одигра активна улога во насока на брзо истражување на заканите со цел да се превенираат слични случаи во иднина.

Од ЗНМ апелираат дека неказнивоста на ваквите дела ја доведе земјата на 95 место на светскиот индекс за слободата на медиумите на „Репортери без граници“.

„Ги охрабруваме колегите да не подлегнуваат на ваквите закани и навреди и истите да ги пријавуваат во ЗНМ, со цел да се крене свеста пред граѓаните дека насилството кон новинарите е недозволиво, но и да се мотивираат надлежните институции активно да ги штитат нашите колеги“ – велат од ЗНМ.

Според нив, овие закани треба да бидат дополнителен мотив за Министерството за правда и Собранието на РСМ за измена и дополнување на Кривичниот законик преку кој ќе се гарантира поголема безбедност и сигурност за новинарите и медиумските работници.