ССНМ и ЗНМ: Го осудуваме недостоинственото отпуштање на фоторепортерката Арбнора Мемети

Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ) и Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) испратија реакција за начинот на кој, како што велат, без процедура и непочитување на елементарно достоинство и е најавено отпуштање на фоторепортерката Арбнора Мемети од „Метаморфозис“.

ССНМ посочуваат дека детално ја разгледале пријавата и документацијата доставена од Мемети и според тоа заклучиле дека начинот на кој таа е отпуштена е несоодветен и без оправдана причина.

„Имено, отказот не може да биде доставен по електонска пошта како дел од преписка во која од фоторепортерката се бара да престане да ги брани своите авторски права кои и биле нарушени од страна на други правни лица. Дополнително, самиот факт дека до тој момент работничката не добила официјално предупредување во кое и било посочено дека со нешто ги нарушува работниот ред и дисциплина, или не ги исполнува работните обврски, укажува дека отказот е последица на арбитрарна одлука зад која не стојат оправдани причини“, велат од ЗНМ и ССНМ.

„Во таа смисла новинарските организации изразуваат осуда што „Метаморфозис“ не само што не застана зад својата вработена  која се обиде да ги заштити своите авторски права кои истовремено ги споделува со својата матична редакција, туку ја казни со отказ испратен по мејл, па подоцна оправдуван со обиди за негативни квалификации и деградирање на нејзината работа со што практично и го отежнува и секој иден потенцијален ангажман“, додаваат новинарските организации. За жал ова не е единствен таков случај во кој редакциите „преку ноќ“ ги жртвуваат своите вработени заради некој телефонски повик, пријателска сугестија или заради можноста од некаков иден лукративен бизнис, но „Метаморфозис“ како организација која е издавач на три медиуми, и која во 2019 година ја доби наградата за Медиум промотор на новинарството како јавно добро „Роберто Беличанец“ не смееше да си го дозволи тоа“, додаваат новинарските организации.

Од ССНМ и ЗНМ дополнително ги охрабруваат особено младите новинари да се борат за своите права и да бидат меѓусебно солидарни. Според нив, тоа е единствен начин да се застане на пат на праксата на неправедни отпуштања од работа, замолчување и негирање на целиот труд вложен во една редекација.

„Младите професионалци се дефицитарни во овој сектор и потребно е дополнителна мотивација да се задржат и охрабрат во вршење на нивната работа. Затоа упатуваме апел до сите професионални медиуми да обратат особено внимание во професионалната надоградба на младите новинарки и новинари и медиумски работници кои посветено работат во интерес на јавноста“, заклучуваат во своето соопштение овие две новинарски организации.