ССНМ: Државните институции да обезбедат безбедни услови за новинарите и медиумските работници

Самостојниот синдикат на новинари и медумски работници апелира до институциите да овозможат услови за безбедно информирање во време на коронавирус пандемијата.

Вчера до ССНМ реагирале повеќе нивни членови за начинот на кој беше организирана прес-конференцијата на министерот за образование и наука Арбер Адеми, која се одржа во зградата во која што е сместено министерството.

„Прес-конференцијата се одржа во просторија за состаноци на осмиот кат, во затворен простор каде присуствуваа повеќе од 20-тина новинари, сниматели и фоторепортери. Според поплаките, ниту една здравствена мерка од организаторот не била испочитувана, од овозможување дистанца помеѓу присутните, отворени прозорци до средства за дезинфекција“, реагира ССНМ.

ССНМ бара од носителите на власта да покажат чувство на одговорност и да не ги доведуваат во опасност медиумските работници.

„Апелираме до колегите, без оглед на претпоставениот јавен интерес, во иднина да ги напуштат прес-конференциите и сличните настани, ако проценат дека не се испочитувани здравствените протоколи, а по укажувањето организаторот не ги обезбеди потребните услови за заштита на здравјето . Истовремено ги повикуваме медиумските работници максимално да ги почитуваат правилата и протоколите за заштита од коронавирусот додека ги извршуваат своите работни задачи“, стои во соопштението на ССНН.