ССНМ: Бараме казна за напаѓачите на новинарската екипа на „А1 Он“

Самостојниот синдикат на новинари во Македонија најостро го осудува вандалскиот напад врз новинарската екипа на порталот „А1он“, којшто се случи вечерва за време на протестот организиран од неформалната граѓанска иницијатива „Заедничка Македонија“.

Учесници на денешниот протест ги претепале снимателот Владимир Желчески и новинарот Александар Тодевски во близина на републичкото Собрание и целосно им ја уништиле камерата. По инцидентот екипа на Брза помош ги пренела колегите во Ургентниот центар.

„Синдикатот бара полицијата во најкраток можен рок да ги пронајде напаѓачите и да го расчисти инцидентот, бидејќи ова не е прв пат да се претепуваат новинари и она што најмногу загрижува е што најчесто напаѓачите остануваат неказнети.

Токму ваквиот однос кон новинарската професија, меѓу другото, допринесува Македонија секоја година дополнително да тоне на меѓународните листи за слобода на печатот и да гравитира поблиску до земји како Северна Кореја, отколку до современите демократии.

Дополнително, овој инцидент е резултат неодговорните политичари и нивните приврзаници чиј говор на омраза преку медиумите и социјалните мрежи токму на ваков начин се сели на улиците“, стои во реакцијата на ССНМ.

Синдикатот ги повикува членовите на иницијативата и нивните поддржувачи да направат сѐ што е во нивна можност овој инцидент да не се повтори и да им овозможат на новинарите да си ја вршат работата непречено.