Во услови кога сè повеќе новинари и медиумски работници преживуваат со минималец, Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ) апелира до Владата и работодавците за итно зголемување на минималната плата. Зачувувањето на дигнитетот на новинарите и медиумските работници е клучно за одбраната на медиумската слобода и јавниот интерес, велат од ССНМ.
ССНМ во време на општата дебата за висината на минималната плата смета дека е неопходно да го соопшти својот став кој недвосмислено е за зголемување на минималната плата.
„Ставот на ССНМ кореспондира со актуелните барања на дел од синдикатите и вели дека покачувањето е повеќе од ургентно. Корекцијата е неопходна поради тоа што моменталната висина на минималната плата е недостојна за пристоен живот на работниците, меѓу кои и на новинарите и медиумските работници, чии интереси ги застапува Синдикатот“, стои во соопштението.
Од таму посочуваат дека Владата и синдикатите преговараат за финансиска иднина на работниците, иднина во која, велат тие, новинарите и медиумските работници не смеат да бидат одминати.
„Последната опсежна анкета на ССНМ објавена во јануари 2024 покажа дека во медиумите повеќе од 50 проценти од вработените имаат примања под просечните, а голем дел од вработените се зависни од висината на минималната плата пропишана со закон. Со оглед дека платите во медиумскиот сектор речиси и да не поместени од мртва точка во изминатите две години може слободно да се каже дека три четвртини од ангажираните во медиумите сега се под просечната плата, а сѐ повеќе се зголемува бројот на оние кои се на минимална плата. Поради фактот дека голем дел од вработените во медиумите се директно поврзани со висината на минималната плата, ние како легитимен претставник на работничките права на новинарите и медиумските работници, бараме што е можно побрзо нејзино покачување“, апелираат од Синдикатот.
Потсетуваат, социјалниот статус на новинарите и медиумските работници во земјата е на многу ниско ниво, а праксата досега покажала дека тој директно влијае врз степенот на мотивација, професионалност и посветеност, што според ССНМ не смее да биде под знак прашање за тие што водат сметка за јавниот интерес во државата.
„Притоа нагласуваме дека во оваа професија неретко се случува луѓето да бидат истовремено ангажирани на повеќе работни места, за што најексплицитен пример се локалните медиуми, во кои вработените често се ангажирани и на по три работни позиции, најчесто на минималец, кој е, како што истакнавме, под секое ниво за достоинствен живот“, се вели во соопштението.