Јелена Анасоновиќ и Миодраг Симовиќ од движењето #1od5milliona, кои од крајот на минатата година организираат масовни граѓански протести во Србија, како и Виктор Мазнев, велешкиот активист за правата на бездомните животни, ќе бидат дел од говорниците на осмото издание на ENGAGE – Kонференција за социјален активизам која ќе се одржи на 18 мај.
Со 10 говорници, 300 гости во публика и видео-пренос, ENGAGE и оваа година ќе обезбеди едукација, интеракција и инспирација за индивидуалци, групи и организации чија цел е да го подобрат општетството во кое живееме.
Анасоновиќ и Симовиќ доаѓаат на ENGAGE за да ја раскажат приказната за протестното движење кое започна кон крајот на 2018 година во Белград, но се прошири низ целата држава, како одговор на подемот на политичкото насилство, влошување на состојбата со медиумските слободи, револтирани од владеењето на српскиот претседател Александар Вучиќ и неговата владејачка Српска напредна партија. Тие ќе зборуваат на темата: „Како еден може да започне движење кое ќе достигне 5 милиони луѓе“.
Протестите беа предизвикани од напад врз опозицискиот политичар Борко Стефановиќ, во ноември 2018 година.
Демонстрантите повикаа на поголема слобода на печатот, политички слободи и плуралност, изборни реформи, нови избори и поголема транспарентност на владата.
Виктор Мазнев e 20-годишен активист од Велес, кој учи за да стане ветеринарен техничар. Но, тој уште од своите 12 години собира бездомни кучиња на кои им пружи нега и им наоѓа семејство. Низ неговиот дом поминале повеќе од 1000 кучиња и мачиња. На ENGAGE доаѓа како говорник на темата: „Кога државата потфрла граѓаните преземаат“.
Регистрацијата за настанот е отворена на овој ЛИНК, а можност за учество ќе имаат првите 200 пријавени учесници за конференцијата. Сите информации за ENGAGE можете да ги најдете на веб страницата на конференцијата engage.mk.
Во изминатите осум години ENGAGE стана еден од најголемите собири за поединци и заедници во нашата земја и тоа е единствениот настан за активизам кој е организиран континуирано секоја година. Настанот нуди место за дискусија, иновација, креативност, зајакнување и развој во нашето општество и отвора дебата за статусот на слободата, правдата и еднаквоста, човековите права, младинските прашања и развојот на модерната демократија.
Овогодинешниот Engage е еден од серијата настани со кои ќе се одбележи 20 годишнината на Младински образовен форум. Конференцијата е поддржана од National Endowment for Democracy, а е организирана од Младински образовен форум и Радио МОФ.