Српските факултети забрануваат мини здолништа, тетоважи, тренерки

Со цел да стават ред во однесувањето на своите студенти, многу факултети во Србија донесоа правила што младите академици мора да ги почитуваат.

Оттука, Филолошкиот факултет во Белград ги предупредува студентите да кажуваат „Добро ден, Благодарам, Молам, Извинете и Повелете”, а во истиот документ има наведено и правила за облека. Забранети се мини здолништа и кратки фустани, кратки панталони и долни делови од тренерки, пишува Телеграф. Посебно се нагласува дека се забранети било какви политички обележја, како беџеви со ликови на лидерите на партии.

На Правниот факултет во Белград, каде честопати се споменуваа афери на професори и студентки, се поставени многу јасни правила – на студентите и професорите им се забранува облека што може да поттикне сексуално вознемирување. На Новосадскиот Правен факултет пак, е истакнато предупредување дека сите недолично облечени ќе се упатуваат кон излезот. Забранет е влез во кратки панталони, разголени деколеа, а не се дозволени ни три-четврт панталони, високи шлицеви. Истовремено, портирите на влезот ги  предупредуваат несоодветно облечените.

Еден од поригорозните кодекси е оној на Техничкиот факултет во Зрењанин. Таму студентите мора да ја сокријат тетоважата и пирсингот, студентките носат хулахопки само ако врз нив имаат туника. Најкраткото  здолниште може да биде до 10 сантиметри над колена, се заклучува во текстот на Телеграф.