Српските актери преку Фејсбук иницијатива читаат приказни за најмладите во изолација

Голем број српски актери и други јавни личности од своите домови читаат приказни, раскажуваат вицеви и пеат песни за најмладите во изолација поради пандемијата со коронавирусот.

Нивните видео пораки се објавуваат на социјалните мрежи под хаштахот #UzPričuJeLakše“ (Со приказна е полесно) и секогаш имаат дополнителна порака дека треба да се остане дома. Иницијативата започна како Фејсбук страница, која сака да им помогне на децата кои се наоѓаат во своите домови, да се намали нивниот страв и да се пополни нивното слободно време.

„Секојдневно објавуваме приказни кои промовираат едукација, добрина, сочувство, заедништво, радост, смеа и забава… Приказни кои им помагаат на децата да останат позитивни во овие неизвесни и тешки моменти“, велат од иницијативата за Би-Би-Си Србија.

Во Србија веќе неколку недели се затворени градинките и училиштата, а затворени се и детските игралишта.

Во видео-сторијата на Радио Слободна Европа на српски јазик можете да погледнете дел од актерите и нивните приказни со кои се обидуваат да им го олеснат времето поминато дома на најмладите.