Српскиот суд ја одби жалбата на Зоран Божиновски

Судот во Србија ја одбил жалбата на адвокатот на новинарот Зоран Божиновски во однос на екстрадицискиот притвор, изјави за телевизијата 24 Вести портпаролката на Вишиот суд во Нови Сад, Светлана Томиќ – Јокиќ.

Божиновски ќе остане во притвор 60 дена, а судот ќе го почека барањето за испорачување од Македонија. Откако судот ќе го добие барањето, тој треба да оцени дали тоа е основано и да реши дали ќе го испорача новинарот во Македонија.

„Жалбата на бранителот е одбиена и тој останува во притвор 60 дена. Судот ќе го преиспита тоа барање, дали е основано и дали се исполнети условите тој да се испорача во Ма кедонија и се останато, вели Томиќ-Јокиќ.

Здружението на новинарите на Србија (УНС) пред неколку дена изрази загриженост поради апсењето на Божиновски, кого српската полиција го уапси во Нови Сад по потерница од Интерпол од македонското МВР. ТОј се товари за злосторничко здружување, шпионажа и уцена, како дел од акцијата „Шпион“.

Во соопштението на УНС се потсетува дека „во Македонија неодамна, без добри правни причини, беше осуден новинарот на Нова Македонија Томислав Кежаровски на четири и пол години затвор, за октирвање на идентитетот на еден сведок во случај на неразјаснето убиство“.

Ваквата пресуда на судот во Скопје ја осуди Европската федерација на новинари (ЕФЈ), Организацијата на медиумите од Југоистична Европа, како и самото Здружение на новинари на Србија, се вели во соопштението на УНС.