Српскиот режисер Паковиќ пред Влада: Ужасува она што го прави режимот овде

„Ужасува и понижува она што го прави режимот овде и во Србија. Авторитарниот режим никогаш не ја дава власта без крвопролевање, или никогаш не ја предава власта која ја презел со борба“ рече српскиот режисер, колумнист и поборник против фашизмот, Златко Паковиќ на денешната дискусија што се одржа во кампот пред Влада.

На петтиот ден по поставувањето на антивладиниот камп, се одржа отворена дискусија за политичката ситуација во Македонија и Србија и за улогата на културата во руинирани општества предводени од лоши политики. Домаќини беа Никола Гелевски, уредник на порталот ОКНО и активист, како и Владимир Милчин, професор, режисер и активист.

Паковиќ ја пофали оваа форма на протестирање, или како што рече „борба против режим кој унакажува“. Според него, ваквиот начин на искажување на револт има едукативна форма и е еден од подобрите начини со кој граѓаните би можеле да се изборат за слобода и вистина.

Покрај културата, Паковиќ ги наведе и национализмот и културата како начини на кои режимот може да влијае во општеството.

„Национализмот е ништо што уништува. Едно ништавило во движење кое може да навлезе во секоја пора од друштвениот живот и да го инфицира како најлоша болест. Како настануваат новите обрасци на културата? Првично, преку протестите. Кога ќе се сруши режимот, начинот на кој е срушен е нов образец“, истакна во своето обраќање Паковиќ.

Професорот и режисер Владимир Милчин пак, смета дека многу долго културата им била препуштена на политичарите во Македонија кои не разбираат колку е таа важна.

„Уметноста ја сметаат за нешто што и треба на таканаречената елита. И дозволија да шири отров на омраза, да се шири отров на стереотипи, предрасуди, лагите да станат нешто што е легално и легитимно и де факто, културата беше финансирана токму заради тоа, за да шири лаги, за да создава кич, кој полесно ќе и дозволи да владее“, подвлече Милчин.

Според него, германскиот писател Бертол Брехт, кому му беше посветен одреден дел од дискусијата, е левичар кој е поука за тоа како македонскиот народ дојде до она што е денес, односно преку молчење.

Во 22 часот ќе се прикаже видео проекцијата „Ибзеновиот непријател на народот како Брехтова поучна пиеса” на режисерот Паковиќ, а во меѓувреме, продолжија активностите во кампот.