Српски активисти не ја даваат пепелта од Никола Тесла на српската црква

Група на активисти во Србија сакаат да спречат посмртните остатоци од најпознатиот светски иноватор и инженер Никола Тесла да се префрлат од музеј во црква.

Пепелта на научникот се чува во тркалезна урна во белградскиот музеј кој го носи името на Тесла. Иницијативата со назив „Оставете го Тесла на мира“ се противи на намерите урната да се префрли во црквата Свети Сава, јавува интернет сајтот на Балкан Инсајд.

Ова не е прв пат да се бара промена на локацијата на урната, но од иницијативата велат дека „ќе ги бранат желбите на Тесла и неговите наследници, кои сакаат посмртните останки да останат во музејот“.

Српската православна црква минатата недела соопшти дека сегашното место каде почива Тесла е „срамно“ и дека ќе извршат притисок за трансфер.

„Советот на црквата смета дека земните остатоци на српскиот и светскиот џин, Никола Тесла, не припаѓаат помеѓу музејски експонати“, јавува веб-сајтот.

Марко Марјановиќ, од иницијативата „Оставете го Тесла на мира“ ги обвинува црковните водачи дека сакаат да го искористат Тесла како туристичка атракција во црквата Свети Сава.

„Тие сакаат да го присвојат, но Тесла припаѓа на целиот свет“, вели тој.

Во 2015-та година, црквата користеше фотографија на уметник кој медитира пред постаментот на кој е изложена урната, сугерирајќи дека се изведуваат „сатански рируали“, обвинување кое било демантирано од музејот:

„Ние чуваме и се грижиме за сè што е поврзано со Тесла. Ваквите приказни немаат врска со реалноста“, изјавил тогаш директорот на музејот, Бранимир Јовановиќ.

Никола Тесла е најпознат по револуционерните откритиа поврзани со електромагнетизмот, дизајнирајќи ја наизменичната струја. Во негова чест е наречена компанијата за електрични автомобили – Тесла, додека неговото име го носи и аеродромот во Белград. Починал во Њујорк во 1943 година и неговите посмртни останки биле предадени на Музејот „Никола Тесла“ во Белград во 1957 година, на барање на семејството.