Српското Министерство за образование ги прифаќа повеќето од барањата на студентите – ова е исходот од петчасовните преговори меѓу министерот за образование, наука и технолошки развој Срѓан Вербиќ и лидерот на студентската организација СКОНУС Данило Јеремиќ, кои се одржаа денеска. Големиот протест закажан за 13 октомври во Белград е откажан.
Како што соопшти ресорното министерство, бројот на испитни рокови во академската 2014/2015 останува ист, односно студентите ќе имаат на располагање пет испитни сесии.
Уважено е и барањето на СКОНУС – студентите запишани во прва година во академската 2010/2011, односно 2011/2012, да го задржат статусот од претходната година на студии најдолго една година по истекот на редовниот рок за студирање. Во исто време, Министерството им дава „силна препорака“ на универзитетите да ги прифаќаат молбите на студентите запишани во 2006, да им се задржи студентскиот статус.
Според Министерството, школарината која ја плаќаат студентите, било тие да се финансираат самостојно или од буџетот, ги вклучува сите трошоци на студирањето. Оттаму, високошколските установи немаат основа дополнително да наплатуваат пријави за испити и други редовни трошоци. Ова произлегува од веќе важечките закони, што Министерството во следните денови ќе го потврди и со правно толкување.
Во соопштението на Министерството се наведува дека власта целосно се сложува со барањето за што побрзо донесување на нов Закон за високо образование, со активно учество на двете најголеми студентски организации, СКОНУС и СКАСС.
Студентското незадоволство во Србија деновиве кулминира со протести по улиците, а студентските организации најавија целосна блокада на Белград и масовни демонтрации во понеделник (13 октомври), доколку властите не ги исполнат нивните барања. Од вчеравечер, група студенти го блокира Филозофскиот факултет во Белград, со свои барања.
Извор: РТС