Српската влада го раскина договорот со Рио Тинто кој предизвика масовни протести

Владата во Србија реши да ги повлече сите лиценци на рударскиот гигант Рио Тинто, кој требаше да отвори рудник за литиум в градот Лозница. Отворањето на рудник предизвика масовни протести во земјата предводени од еколошки здруженија.

„Ги исполнивме сите барања на еко-протестите и ставивме крај на Рио Тинто во Република Србија“, изјави премиерката Ана Брнабиќ на вчерашната пресконференција.

Неколку недели наназад илјадници демонстранти во Белград, но и повеќе други српски градови, ги блокираа патиштата во протест поради планираниот рудник, кој според нив ќе предизвикаше огромна еколошка штета.

Литиумот го има во големи количини на српската граница со Босна и Херцеговина и овој метал се смета дека ќе биде еден од најбараните во иднина кога светот ќе се пренасочува кон обновливи извори на енергија.

Протестите, кои истовремено го потенцираа и се` поголемиот проблем со загадувањето во земјата, ја предизвикаа власта на претседателот Александар Вучиќ кој ги отфрли како политички мотивирани и финансирани од странство за дестабилизација на земјата.

Според критичарите владата со овој чекор се обидува да ја намали штетата по рејтингот пред парламентарните и претседателските избори кои треба да се одржат во април.

За време на 150-годишното постоење на компанијата, Рио Тинто беше обвинувана во многу наврати за корупција, еколошко уништување и кршење на човековите права во рударските локалитети.