Српска пациентка прва во светот ќе се лекува со руска вакцина против рак

Српската пациентка Јована Алексиќ, која боледува од меланом – агресивен карцином на кожата со метастази – ќе стане првата личност во светот што ќе започне лекување со новата руска вакцина против рак. Ова го соопшти Сергеј Бољевиќ, раководител на Катедрата за патологија при Универзитетот Сеченов во Москва.

Според неговата изјава, терапијата се очекува да започне во наредните еден до два месеца. Тој нагласи дека не станува збор за клиничко испитување, туку за директно лекување. Подготовката на вакцината ќе започне на Институтот „Гамалеја“, при што секоја вакцина се изработува индивидуално, според биолошките карактеристики на пациентот.

Одлуката првиот пациент да биде од Србија, како што посочи Бољевиќ, е резултат на добрите односи меѓу двете земји. Во моментов, рускиот тим работи со уште десетина пациенти, но Јована Алексиќ ќе биде првата што ќе ја прими вакцината. За примена кај други типови карцином, меѓу кои и ракот на дојка, сè уште се чека официјално одобрување.

Бољевиќ истакна дека вакцината може да се користи во сите фази на рак, вклучително и кај пациенти со метастази. Сепак, руските здравствени власти засега ја ограничиле примената на меланом и рак на белите дробови.

Процесот на развој вклучува употреба на вештачка интелигенција, а досегашните резултати, според Бољевиќ, покажуваат ефикасност од околу 95 проценти. Деталите ќе бидат презентирани на научна конференција во Сочи во април.