„Среќни Вести“- нов македонски весник во кој има само позитивни вести

„Среќни Вести“ е нов македонски весник кој има цел да споделува единствено среќни вести, позитивни промени и сончева енергија со сите читатели. За првпат беше отпечатен пред неколку дена, а неговата продажба официјално започна на Светскиот ден на книгата.

„Низ 24 страници се обидовме да ги вклучиме добрите нешта кои се случија изминатата година – да, постојат такви :) како и се што заслужува внимание и посебно место! Дополнително сакавме весникот да биде ориентиран кон заедницата, бидејќи само така можеме вистински да делуваме, па оттука оделивме страници за добрите луѓе и нивните добри дела, како и малите бизниси кои ја заслужуваат секоја поддршка!“, велат од „Среќни вести“.

Весникот е во продажба на неколку локации во Скопје, сите книжарници на Три, Преплет студио, Авењу кафе во Градски парк и Буњаковец, книжарницата на Штедлер во Ситимол и Мала пажња во Центар и Лептокарија. Идејата е веќе од оваа недела да се овозможи и онлајн продажба со достава до секој град.

Весникот чини 100 денари, а ќе излегува еднаш на секои 3 месеци.