„Среќна 13-ка“: Светските насловни за успешното спасување на децата од пештерата во Тајланд

Приказна која го собра вниманието на светската јавност. 12 момчиња и нивниот млад фудбалски тренер заробени повеќе од две недели во темна, поплавена пештера, неколку километри далеку од помош и храна. Откако вчера пристигнаа вестите дека и последното дете и тренерот се спасени, светските медиуми, без разлика на нивната големина, од Данска до Обединетите Арапски Емирати, славеа на насловните страници.

Двата тајландски весници на англиски јазик, „Бангкок Пост“ и „Нејшн“ утрово излегоа со насловите „Спасени сите диви прасиња“ и „Хујааа! Мисијата е успешна“.

Сосема очекувано, спасувањето беше опсежно покриено во земјите кои беа вклучени во акцијата за ослободување на децата. Во Австралија, од каде властите испратија тим од 19 нуркачи да помогнат во мисијата, како и доктор кој ги прегледа децата во пештерата, многу весници ја славеа успешната операција. „Канбера Тајмс“ излезе со наслов „Големото бегство“, додека „Сиднеј Морнинг Хералд“ напиша „Сите се надвор“, покрај фотографии од момчињата и тренерот.

Германскиот „Шпигел“ на интернет изданието ја нарече спасувачката акција „Ослободување од длабочината“, додека „Ле Монд“ се одлучи со поинформативен, наместо драматичен наслов: „Тајланд: по повеќе од две недели под земја, 13-те заровени во пештерата евакуирани.

„Локал“, данскиот интернет сајт напиша: „Амбасадорот ги слави данските нуркачи за нивната улога во спасувачката акција во пештерата во Тајланд.

Иако британските нуркачи имаа клучна улога во спасувачката мисија, веста за спасувањето беше на насловната страна со други две важни вести – оставката на министерот за надворешни работи Борис Џонсон и престојното полуфинале на светското првенство во кое настапува Англија.

На насловната на „Гардијан“ пишуваше: „Славење откако Тајланд ги спаси сите 12 момчиња од пештерата“. „Тајмс“ објави наслов: „Прослава откако 12 момчиња излегоа од тајландската пештера“, додека „Метро“ напиша: „Среќна 13-ка“.

Во Обединетите Арапски Емирати, двата весника на англиски јазик го ставија настанот на насловните страници. „Гулф Тудеј“ напиша: „Сите 13 заробени во пештерата во Тајланд ослободени“, додека „Калеџ Тајмс“ објави: „Ура! Момците фудбалери конечно надвор од пештерата“.

Времето на спасувачката акција беше такво што сè уште не се објавени печатените насловни страници на американските весници. Сепак, медиумите од САД го покриваа спасувањето цело време, а ЦНН откако беше спасено последното момче напиша: „Сите се надвор“.