Градоначалникот Аце Коцевски денеска соопшти дека ќе предложи пренамена на средствата планирани за годинешниот Фестивал на пити и вино.
„По катастрофалниот пожар што го зафати Велес и кој во моментов се шири во други делови на градот и во кој беше уништен растителниот и животинскиот свет сметам дека е време за носење разумни одлуки со голема одговорност и време е за промена на приоритетите. Одлучив на Советот да му предложам оваа година да не се одржи фестивалот на велешки пити и вино и средствата што се предвидени во буџетот за таа намена, другите средства што ги предвидувавме со промената на програмите на денешната седница како и средствата од поддржувачите на фестивалот да ги насочиме пред се кон санирање на последиците од пожарот и пошумување на оголените површини и обезбедување на професионална лична заштитна према за пожарникарите со цел да бидат поефикасни во гаснењето на пожарите“, рече Коцевски.
Општина Велес ќе отвори посебна сметка за донации за санирање на последиците од пожарот. Македонско-американската Алумни организација веќе издвоила 90.000 за санирање на последиците од пожарот и пошумување. Расчистувањето на теренот пред пошумувањето ќе го врши ЈП „Македнски шуми“. За пошумувањето велешката и македонската јавност ќе бидат известени со јавен повик.
Дел од планираните содржини за фестивалот како што се гостувањето на делегација од Алзас, Франција и акцијаши од повеќе земји од поранешна Југославија сепак ќе се реализираат.
Коцевски предложи на денот на пошумувањето кој е планирано да се поврзе со Денот на Општина Велес, 9 или 10 ноември, да се организира хепенинг на езерото Младост каде ќе пошумуваат и пријатели од повеќе градови и земји.
Тој очекува одлуката да ја поддржат членовите на Советот на општината како и мнозинството граѓани на Велес.
Во пожарот изгоре голема површина на борова шума од околу 200 хектари, а проценките се дека од огнената стихија биле зафатени вклупно околу 400 хектари шума и трева.