Претставник на ученичката заедница не е подеднакво вреднуван како ученик кој освојува награди на натпревари. За нив нема дополнителни поени или награда за тоа што биле лидери на својата генерација и училиште. Ова го забележа училишниот психолог Ана Попризова на денешната дискусија за тоа какви новини се потребни во средношколското организирање во Europe House Skopje.
Како што посочи, македонскиот образовен систем го препознава успехот на ученикот кој учествува на натпревари, но не и на ученикот што се здобиле со куп отсуства за да работи со своите врсници на терен и да организира активности. Затоа, Попризова предлага тие да влезат во некаков систем на препознавање како компетенција.
„Се трудам сите овие години да им давам поддршка на учениците во делот на логистика, организација. Но, исто така стои прашањето дека ученичките заедници не можат да функционираат само на ниво на организација на учениците. Многу е битно да се работи со наставниците. Бидејќи и наставниците што имаат предрасуди, што немаат доволно познавања, што имаат ограничен демократски капацитет, треба да бидат поддршка на учениците“, смета таа.
Актуелниот претседател на Средношколскиот сојуз, Лука Павиќевиќ, смета дека има недостатоци во законската рамка за студентско организирање. Тој посочи дека активни гимназии како „Орце Николов“ или како „Никола Карев“ во Скопје веќе имаат изградено свои ученички заедници, но во други училишта воопшто не постојат ученички тела или пак тие се воспоставени од страна на директорот, или од страна на професорите.
Павиќевиќ се потсети на случајот каде Средношколскиот сојуз пред неколку месеци поднесе претставка до Државниот просветен инспекторат по информации од нивни членови дека во неколку училишта им биле наплаќани свидетелствата, иако тие законски се добиваат бесплатно.
„Ги добивме записниците од инспекторите и во нив пишува дека инспекторите имале разговор со надлежните во училиштето и со претседателот на ученичката заедница во тоа училиште. Во сите тие училишта, претседателот на ученичката заедница потпишал дека наплаќање на свидетелства не се случува, но во две од тие училишта подоцна инспекторатот нашол докази дека се наплаќале. Освен што изјавата била лажна, но и претставникот или делувал под влијание на директорот или бил ставен само за да ја спроведе таа функција“, истакна Павиќевиќ.
Ова, според него, треба да се промени што побрзо, најпрво преку воведување на законска рамка која ќе го регулира средношколското организирање на ниво на сите училишта.
„Главна идеја, како најдобро решение е да се направи реформа во самата структура на избирање на ученичката заедница. На пример, учениците и понатаму да ги избираат претседателите на своите класови, но претседателот на заедничката заедница, што треба да ги претставува сите ученици во едно училиште, моментално е избран од претседателите на класовите“, објасни Павиќевиќ.
Затоа, тој предлага да се разгледа идејата да се организираат директни избори за претседател на ученичка заедница, што би значело сите ученици во едно училиште да гласаат за претседателот на ученичката заедница.
84% од средношколците не веруваат дека можат да го променат општеството
Истражување на здружението Лидери за едукација, активизам и развој (LEAD) покажа дека 56 отсто од учениците никогаш не ги следат политичките и општествените настани во земјата. Во однос на ова, две третини од средношколците никогаш не дискутираат вакви настани за време на часовите.
Ова за Иван Јованов, извршен директор на LEAD е загрижувачки факт бидејќи овие средношколци кога ќе наполнат 18 години нема да се заинтересирани и нема да знаат што се случува надвор од училиште, а при тоа ќе имаат можност да гласаат.
Покрај ова, дури 84 отсто рекла дека не веруваат дека можат нешто да направат и да влијаат врз општеството. Тоа за Јованов не е изненадувачки.
„Јас кога бев средношколец појма немав што е ученичка заедница. Појма немав што е средношколско учество и заради тоа јас излегов од средно училиште без да знам за општеството што се случува околу. Така што, тргнувајќи од мене и од нашата работа, мислам дека ученичкото учество е важно за да произведеме една свесна, јасна индивидуа која е пред се информирана и се вклучува во општествените текови во нашето општество“, смета тој.
Нивната организација работи со млади и на политичко образование. Неодамна изработиле борд игра наречена „Изборологија“, која претставува симулација на македонскиот парламентарен систем, а се очекува официјално да биде објавена во ноември.
„Кога игравме со средношколци од трета и четврта година појма немаа што е тоа. ‘Вака функционира нашиот систем? Не знаев.’ Епа, не знаеш. Никој не ти објаснил, не си учествувал“, прокоментира Јованов.
Тој укажува дека учениците се огледало на професорите, директорите и системот.
„Ако имаме неквалитетен кадар, ќе имаме и неквалитетни ученици“, забележа тој.
Демократијата не е универзална
За родовиот аспект на средношколското организирање зборуваше Елена Данова, младинска работничка во здружението Еквалис. Тие неодамна организирале работилници со млади луѓе на кои се осврнале и на проблемот со вклучувањето на млади девојки во важните процеси на средношколското организирање. Според неа, демократијата е нецелосна и непостоечка доколку жените или младите девојки во училишните средини се активни само како гласачки, но не и како претставнички.
„Факт е дека ние дури и во парламентот, структурите на власта и сите политички структури кои ги имаме во нашето општество, демократијата што е таму застапена не е универзална. Реалноста е прилично тажна, тоа го гледаме и во моменталните кандидати и кандидатки за градоначалници. Буквално ниту еден процент од кандидатите не се жени и тоа е тажно“, смета Данова.
На работилниците одржале и симулација на избори. За повеќето учесници тоа било ново, иако по обуката се охрабриле да се кандидираат за претседатели на своите класови.
„Впечатокот генерално е недостатокот да се види во пракса како изгледа тој процес, затоа што сите тие имаат предмети кои ги изучуваат во училиште како Граѓанско образование и општество. Се учат тие теоретски концепти, но во пракса навистина недостига да се види како тоа изгледа. Можеби токму тоа е причината поради која денес тие ученици утре кога ќе наполнат 18 години и ќе треба да излезат на избори и да гласаат, се збунети и не знаат“, рече Данова.
Училишта да ги поддржат ученичките заедници
Попризова е училиштен психолог во гимназијата „Орце Николов“ во Скопје, каде и ги поминала своите средношколски денови. Уште тогаш раскажува дека постоела ученичка организација каде таа била претставничка. Од тогаш, до денес, таа ученичка заедница постигнала стабилна структура, смета таа.
Според неа, ваквото организирање им овозможува на учениците повеќе можности и повеќе права, учество во проекти и реализирање на своите потреби.
„Ако гледаме историски, многу често ученичкото организирање било под притисок или под влијание на политичките партии. Понекогаш тоа е нешто што ги одбива учениците и затоа е многу важно ние да ги зајакнуваме капацитетите на учениците. Најпрво да имаат сопствен интегритет за да можат навистина ученичките заедници да бидат гласот на потребите на младите. Во таа насока, сметам дека таа извесна недоверба што постои, ние како училишта треба да работиме да ги поддржиме учениците, навистина ученичките заедници да бидат одраз на потребите на младите и на нивните демократски капацитети“, порача Попризова.
Слично размислување има и Јованов, кој забележа дека во иднина е потребно да се работи повеќе со кадарот отколку со учениците, затоа што тие се во постојан контакт со учениците во текот на годината.
За Павиќевиќ, пак, двата главни проблеми со кои се соочуваат сегашните ученички заедници е како да го зголемат учеството и волјата меѓу учениците, но и дали има законска рамка што дозволува една ваква заедница да биде слободна и способна таа да ги претставува интересите на учениците.
Е.П.