Средношколскиот фронт останува, бојкотот се ресетира во понеделник

Средношколскиот пленум соопшти дека и денеска ќе продолжат протестите во 17 часот пред Министерството за образование и наука. Тие повикаа на масовна поддршка од сите што сметаат дека треба да има квалитетен образовен систем.

„Остануваме тука на средношколскиот фронт, и на сонце и на дожд, за да ја оствариме нашата цел, а тое е подобро образование во Република Македонија. Затоа ги повикувам сите средношколци, родители и сите загрижени граѓани да дојда пред Министерството во 17 часот и да го искажат својот револт. Нека дојдат сите што можат, да бидеме во поголем број и да покажеме масовност за да видат дека не сме се откажале од нашата цел“ велат од Средношколскиот пленум.

Во понеделник истекува законската можност за отстуство од настава. Средношколците информираа дека денеска и во понеделник ќе се вратат на училиште, но само за да го ресетираат бојкотот. Кампот пак, останува во паркот спроти зградата на поранешната „Нова Македонија“.

На денешната прес-конференција учествуваа и родителите, кои заедно со учениците ги повикаа министерот за образование Абдилаќим Адеми и неговиот заменик Спиро Ристовски во понеделник на средба, во 13 часот, во кампот за да започне, според нив, вистинскиот дијалог.

„Со жалење контатираме дека досегашните средби со Министерството за образование не може да се наречат ни разговори, а камоли преговори. Затоа предлагаме тие да се прогласат за неуспешен пилот преговори, а да се одзват на поканата и во понеделник да дојдат тука да преговараат“, рече Јасна Шоптрајанова од Родителскиот пленум.

Во однос на изјавата на премиерот Никола Груевски, дека родителите ги жртвуваат децата за партиски цели, родителите велат дека не би ги жртвувале своите деца за ниту една партија.

Средношколците веќе два дена одржуваат протестни собири пред министерството револтирани од игнорантскиот однос на надлежните. Со блокирање на улицата пред министерството, сакаат да создадат притисок кај надлежните да ги повикаат на нови преговори.