Средношколски промо ден за „Здраво млади“

На 10 мај 2014 година во Младинскиот Културен Центар ќе се одржи промотивен настан за овогодишното, четврто издание на фестивалот ЗДРАВО МЛАДИ со настап на средношколски музички групи кои свират исклучиво своја авторска музика без жанровски ограничувања.

Средношколски промо ден на „Здраво млади“

Од МКЦ велат дека нивна главна цел е целосна вклученост на младите од градот во нивните програмски активности.

„Тргнувајќи од таму, дојдовме до идеа да организираме промотивен настан за фестивалот, каде свое претставување ќе имаат сите средношколски музички групи или соло артисти од сите музички жанрови (електронска музика, хип хоп, рок музика) кои изведуваат исклучиво своја авторска музика. На тој настан, публиката со својот билет ќе може да гласа за најдобриот изведувач и истиот да биде дел од програмата на ЗДРАВО МЛАДИ на 23 мај“, велат оттаму.

Пријавувањето на заинтересираните изведувачи трае до 15.04 (вторник), до 16.00 часот. За пријава на настанот, бендовите треба да достават кратка биографија, фотографии, контакт како и демо-снимка или интернет линк до аудио/видео изведба на некоја од нивните авторски песни.

Пријавите се доставуваат на адресата на Младинскиот Културен Центар, кеј Димитар Влахов бр.15 или пак на електронска пошта: info@mkc.mk.

По извршената селекција, направена од страна на организаторот (МКЦ), до 23.04(среда) од сите пријавени бендови ќе бидат избрани минимум 7 бенда кои ќе настапат на концертната вечер.

Концертот на средношколските изведувачи ќе се одржи на 10.05 (сабота) во МКЦ, а секој од изведувачите ќе има обврска на концертот да настапи со 3 авторски музички композиции. Присутната публика ќе има можност да гласа преку уфрлување на билетот од настанот во кутијата на која е назначено името на нејзиниот фаворит.

Оној изведувач кој ќе се здобие со најмногу гласови ќе има можност да настапи на отворањето на фестивалот ЗДРАВО МЛАДИ 2014, на 23. мај (петок), на голема сцена, на отворено пред Младинскиот Културен Центар.

Цена на билетот за влез на овој настан ќе чини симболични 100 денари и средствата собрани од продажба на билети ќе бидат наменети за снимање, миксање, мастеринг и издавање на компилација која ќе биде дистрибуирана бесплатно.