Средношколски пленум: Поддршка за претставката на наставниците до Уставниот суд

Средношколскиот Пленум изрази јавна поддршка и застана зад групната преставка на Наставничкиот Пленум доставена до Уставниот суд, а со која се оспоруваат членовите од Законот за основно и средно образование, кои во најголем дел се поврзани со екстерното тестирање.

„Оттука потсетуваме на нашето барање испратено до ресорното министерство, во март годинава, во кое побаравме „одредбите од Законите за основно и средно образование кои се однесуваат на екстерното тестирање, ИТНО и НЕОДЛОЖНО да бидат ставени во мирување!“, при што „повикува(в)ме на влегување во сеопфатна дебата, заснована на аргументи поткрепени со податоци и факти, со јасен концепт за очекуваните резултати и начинот на кој истите ќе бидат спроведени. Дебата во која ќе бидеме вклучени НИЕ, учениците, како и наставниците, кои го сочинуваат столбот на образовниот систем“.

Во него, аргументирано посочивме на нелогичноста и несоодветните резултатите од екстерното тестирање.

– Фаворизирањето на краткотрајно меморирање на факти го обезвреднува сиот вложен труд на ученикот во текот на целата школска година, а притоа не се проверува критичкото знаење и квалитет, беше напишано во барањето.

Укажавме „дека екстерното тестирање е спротивно на европските образовни стандарди, е неспроведливо и е дел од „реформи“ кои само ќе ги продлабочат, наместо да ги разрешат образовните проблеми во државава! Континуираната проверка на знаењето и способноста на ученикот низ целата школска година НЕ МОЖЕ, и НЕ СМЕЕ да се изедначи со проверката преку екстерното тестирање, која трае само неколку часа“.

На овој линк е достапно целосното барање кое беше доставено до Министерството за образование и наука и Бирото за развој на образованието.