Средношколски пленум: Два месеци е прекраток рок за издржани решенија за екстерното

По вчерашната најава на заменикот министер Спиро Ристовски, дека МОН ќе почне со посети на училишта и средби со ученици за да ги чуе нивните предлози за екстерното, од Средношколскиот пленум бараат целосно да се укине постојниот модел на екстерно тестирање. Тие посочуваат дека со оглед на тоа што за два месеци матурантите ќе треба да го полагаат екстерното, токот од два месеци е прекраток за издржани решенија. Сметаат дека екстерното на ниту еден начин не го подобрува квалитетот на образованието и бараат конструктивни, издржани и неизбрзани реформи во образовниот систем.

„Имајќи предвид дека полагањето на екстерното тестирање за матурантите е по завршетокот на првото полугодие, рокот од два месеци е премногу краток за да се приготват издржани решенија за екстерното оценување, врз основа на мислењата на сите заинтересирани страни. Затоа, доколку надлежните институции сметаат дека треба да се спроведе проверка на стекнатите знаења на учениците, Средношколскиот пленум бара да се пристапи кон сеопфатни анализи и вистински јавни дебати во кои ќе бидат вклучени сите заинтересирани и засегнати чинители на образовниот процес, за да се приготви соодветен модел на екстерна евалуација со кој ќе се добиваат реални податоци за квалитетот и суштински ќе го подобри образованието. Процесот на екстерната евалуција треба да се спроведува за генерациите ученици кои ќе се запишуваат по неговото донесување и никако не смее да биде на штета на учениците и наставниците“, се наведува во реакцијата на пленумот.