Средношколска иницијатива: Постави срце за подобар училишен инвентар

Со црвени срциња поставени викендов во повеќе средни училишта низ Скопје, четири средношколки ја започнаа иницијативата насловена „Постави срце – За подобар училишен инвентар“. Целта на акцијата е да се подигне свеста за подобрување на условите во средните училишта.

srce

„Со овие срциња сакаме да ги поттикнеме учениците да се вклучат во нашата иницијатива. Сакаме да ги натераме нашите врсници да го чуваат она што го имаат во училиштата, но и да им укажеме на надлежните на проблемите кое пречат секојдневно како што се скршените клупи и столчиња, руинираните тоалети, слабото греење… Се надеваме дека оваа акција ќе даде ефекти и ваквите проблеми полека ќе стануваат минато“, велат средношколките.

Според најавата акцијата ќе се спроведува чекор по чекор. За почеток е креиран блог преку кој, освен информации за текот на акцијата и совети за изработка на срцињата, се овозможува сите заинтересирани да се вклучат во иницијативата и да помогнат во детектирање на проблемите во училиштата.

Средношколска иницијатива: Постави срце за подобар училишен инвентар

„Заедно со ваша помош сакаме да поставиме срциња секаде каде што има оштетен инвентар во училиштата, да ги фотографираме местата и да собереме галерија на фотографии која ќе ни покаже колку сакаме нашите училишта да добијат refresh на својот изглед. Акцијата е наменета за сите средношколци кои сакаат да учат во училиште кое ќе обезбеди функционална работна средина“, велат младите иницијатори на оваа акција.

Акцијата трае неколку седмици до почеток на распустот и ќе заврши со изложба на собраните фотографии. Иницијативата „Постави срце – За подобар училишен инвентар“ е поддржана од проектот на УСАИД за граѓанско општество.