Средношколки ќе програмираат видеоигра за поголема вклученост на девојките во технологијата

Центарот за истражување и креирање политики (ЦИКП), Факултетот за Електротехника и информациски технологии и Град Скопје се приклучуваат на глобалната иницијатива „Еден час кодирање“, така што денеска, од 13 часот на ФЕИТ, 35 средношколци/ки ќе работат еден час на програмирање на видео-играта „Војна на ѕвездите“.

Активноста се реализира во рамки на проектот „Девојки во технологија: Намалување на родовиот јаз во техничките професии“.

„Целта е да поттикнеме повеќе девојчиња да станат програмерки, а новата технологија која ќе ја креираат да биде според потребите на девојчињата и момчињата!

Зошто? Секој ученик во 21-виот век треба да има можност да научи како се создава технологија. Компјутерската наука ја менува секоја индустрија на планетата. Девојките треба особено да бидат охрабрени да се испробаат во областа на компјутерски науки со цел да се надминат стеротипите дека техничките професии треба да бидат поле кое е доминирано од машкиот пол“, велат организаторите.

Дел од настанот ќе се пренесува на Фејсбук на следниот линк, а како дел од активностите, Центарот направи и графикон во кој се претставени најважните резултати кои ги добиле при работа на проектот.