Стихозбирката ,,Летни ноќи” е љубовна стихозбирка која содржи 41 песна. Таа е прво отпечатено дело на петнаесетгодишната Ана Ѓорчевска, ученичка во СУГС „Владо Тасевски“. Книгата, како што објаснува младата поетеса, содржи поетски слики на една младост, на огромните фантазии и длабоките разочарувања. Песните се проекција на доживеани случувања.
Што те мотивираше да почнеш со пишување на поезија?
Како мала ги обожував бајките, замислував дека и јас еден ден ќе живеам во бајка, верував дека бајките се вистински. Со пишување поезија почнав да се занимавам на шест годишна возраст, а првата награда, освоено прво место, ја добив на седум годишна возраст. Тогаш ме мотивираше желбата да живеам бајковит живот, денес мотивацијата ја пронаоѓам во љубовта. Љубовта е една интересна тема, но голем предизвик е да се пишува за неа бидејќи секој ја доживува различно, ставовите се различни, начинот на изразување и споделување љубов е различен. Луѓето се плашат од љубовта, не ја споделуваат, а оној што ќе има храброст да ја сподели останува разочаран, тоа беше доволно да се разгори еден жар во моето срце кој ме поттикна да ги искажам своите чувства на оваа тема во книга. Колку и да е човек разочаран, колку и да го изгорела љубовта, тој треба повторно да се роди од пепелта како Феникс. Слободно можам да кажам дека се споредувам со Фениксот бидејќи што и да ми се случува јас повторно се раѓам од пепелта и продолжувам понатаму уште помотивирана.
Каков беше начинот на создавање на песни? Дали беше тешко да се одреди која песна да оди прва, воспоставување на рима, пронаоѓање соодветни зборови…?
Начинот на создавање на песните беше многу едноставен. Јас имав идеја за што ќе пишувам, зборовите доаѓаа сами, срцето ме водеше низ целиот процес. Создавањето на рими е мелодија на срцето, а мене таа мелодија ме води низ животот. Песните во книгата се ставени по хронолошки редослед на пишување освен првата песна. Првата песна е песна која освои награда меѓународно во Суботица, Србија. Таа песна го скрши мразот. Јас прв пат тогаш споделив песна за љубовта јавно, од неа започна се.
Колку ти значи оваа книга?
Оваа книга е многу значајна за мене, таа опишува еден период од мојот живот кој беше многу тежок, период во кој случувањата го изгореа моето срце, тоа стана пепел. По објавувањето на песната која е прва во книгата, реакцијата на луѓето беше одлична и тоа многу ме израдува. Радоста почна да се враќа, а јас повторно се родив од пепелта. Затоа кој и да ме праша, зошто треба луѓето да ја читаат оваа книга, јас секогаш исто ќе им одговорам, ако некогаш се почувствуваат сами, нека ја земат оваа книга која е огледало на мојата душа, нека ме пронајдат мене во неа, со задоволство ќе ги дружам. Ќе им покажам колку ми било тешко, колку храбри одлуки сум донела и најважно дека повторно сум се родила и дека истото го можат сите само е потребна силна желба и верба во себе.
Зошто се одлучи да издадеш печатена книга, наместо дигитална верзија?
Затоа што печатената книга постои многу години наназад, тоа е вистинска верзија на книга, а јас ги сакам вистинските работи. Дигиталната верзија е модерен вид на книга, јас не ја следам модата туку моето срце и затоа се одлучив на печатена верзија.
Дали младите денеска читаат стихозбирки?
Денес младите ретко читаат, не само стихозбирки туку генерално секаков вид книги. Тие се преокупирани со лажниот дигитален свет кој за жал ги засенува убавините на пишаниот збор, ги залажува и им го одзема времето за работи кои нема да им служат додека читањето го зголемува фондот на зборови и им отвара нови перспективи во животот.
Како да ја поттикнеме младата публика да се заинтересира за македонската поезија од млади автори?
Младите може да се поттикнат само на еден начин, а тој начин е ако зад песните се крие добра приказна. Желбата да дознаат што се случило некому за да створи книга е одличен начин да затрепери нивното срце и да се заинтересираат за одредена книга.
За крај, која е твојата инспирација за творење?
Мојата инспирација за творење е животот. Тој е преполн со успеси и падови, среќа и тага, добро и зло, љубов и рамнодушност. Ме инспирираат различните погледи на животот, различните уверувања и постапки. Сметам дека не ни се случува животот нам туку ние нему. Секој е креатор на својот живот, секој во себе поседува мудрост. Мудроста што јас ја имам се претвора во стихови. Едноставно сакам да ја споделам со светот.
Станиша Станковиќ