Средношколка протестираше пред Мала станица против изложба која вклучува кожи на албино стаорци и живи хрчаци

Средношколката Анастасија Саздова застана пред Мултимедијалниот центар Мала станица во Скопје и самостојно одржа протест против изложба за чија изработка се употребени 700 кожи на албино стаорци и живи хрчаци изложени во кафези.

Протестната инсталација се состоеше од пароли како: „Крзното изгледа убаво само на неговиот оригинален сопственик”, „Ако навистина се грижите за животните тогаш престанете да наоѓате начини како да ги експлоатирате по ‘хумано’, само престанете да ги експлотирате!” и „Човековите права не вклучуваат злоупотреба на животни!“.

На подот беше поставен и кафез во кој висеше фотографија од човечка дланка поделена и зашиена со црвен конец.

Во Мала станица е поставена изложбата „Допирот – Идни Екологии“, која опфаќа теми како што е екологијата и заштитата на животната средина. Изложбата е мултидисциплинарна и вклучува работилници за млади на која учествувала и Саздовска со своите врсници од средното уметничко училиште „Лазар Личеноски” од Скопје.

„Како млад човек кој се грижи за животните и животната средина бев непријатно изненадена од бруталноста на авторката кон животните се со цел ‘за’ и ‘во име на уметноста’. Од тие причини се одлучив на протест кој беше упатен кон проектот на уметничката Елпида Хаџи Василева и нејзината инсталација „SILENTIO PATHOLOGIA” во која за изработка на истата има употребено 700 кожи на албино стаорци вклучувајќи и живи хрчаци изложени во кафези, но и кон кураторот на проектот и секако институцијата која дозволува и поддржува проекти од ваков тип“, реагира младата активистка.

Таа за Радио МОФ вели дека е разочарана што уметницата не успеала да најде друг, похуман и почовечки начин за презентација на делото. Посочи дека нејзината протестна инсталација била отстранета за што смета дека е цензура на гласот на младите.

Е.П.