Средношколецот Александар Динев и Колектив Зет преку Тик Ток видеа ги едуцираат врсниците за климатската криза

Средношколецот Александар Динев и младинската организација Колектив Зет од неодамна се здружија со цел на своите врсници да им ги претстават климатските промени и нивните влијанија, преку ТикТок видеа.

Динев е активен на оваа социјална мрежа веќе две години. Преку неговите видеа се обидува да шири хумор, позитивна енергија и образовни содржини. Досега со Колектив Зет објавија две видеа од серијалот, кои се однесуваа на потребата од системска трансформација и одговорноста за справувањето со климатската криза.

@kolektivzДали колективно би започале со нас? ##viral ##fyp ##balkan ##macedonia ##tiktokmacedonia ##тиктокмакедонија ##kolektivz ##zelenglas♬ original sound – KolektivZ

„Со Колектив Зет се знаеме пред две години откако присуствував на нивен настан и се запознав со дел од тимот кој сега стои позади Колектив Зет. Настанот беше филмска проекција на која се прикажуваше моќта на локалните заедници и што значи да се води борба за заштита на своите природни добра. Мојот роден крај во тој момент поминуваше низ исто искуство со рудниците на југоистокот и навистина се заинтересирав повеќе околу важноста за работата на овие теми, за развивањето на свесноста и критичката мисла, едукацијата за праведност, да се биде активен член на едно општество и дел од моите видеа се посветени и на ова“, вели тој за Радио МОФ.

Формалното образование се одвива сѐ уште по стара програма и со стари учебници, посочува Динев.

„Некои негативни промени кои што навистина се многу битни и ни се случуваат секојдневно на сите нас, за жал не се опфатени во материјалот кој што се изучува. Ако веќе зборуваме за да ги направиме овие теми интересни за младите, според мене би требало да се започна од реални проблеми кои ни се случуваат моментално и можеме да нацртаме паралели, зошто имаме загаден воздух, како промените на климата влијаат на дрвата кајсии во Валандово, зошто реките ни се сушат, зошто има средношколски протести низ целиот свет, итн.“, смета тој.

Идејата е преку соработката со Колектив Зет да промовираат системска трансформација, преку градење на национален Зелен догoвор и колективно дејствување. Динев забележува дека социјалните мрежи можат многу да помогнат во испраќање на пораката.

„Социјалните платформи, сакале или не, се многу важна алатка на новите генерации и во ширењето на информации, а исто така можат да се искористат и во градењето на движење за промена кон подобро, во колективно трансформирање на своите заедници и средини вклучувајќи ги и младите“, смета тој.

Кога станува збор за младите и нивната акција, Динев вели дека тие не се единствено криви што не се ангажирани на оваа тема, ниту пак смета дека се криви за проблемите врзани со климатската криза.

„Загрижувачката реалност укажува дека младите се принудени да се заангажираат на тема клима, бидејќи светот останува на нас да го живееме. Но, земајќи ја во предвид нашата земја не сме многу активни заради различни други фаткори, како што се образование, социјални нееднаквости и сл. Темата за клима е многу комплексна и за навистина да бидеме активни членови во решавањето на кризата поврзана со клима ние младите прво треба да се информираме повеќе и да се трудиме да научиме за коренот на моменталните случувања поврзани со климата. И, секако да го следиме Колектив Зет на Тик Ток“, заклучи Динев.

Емилија Петреска