Средношколците најавија бојкот во петок: „Младите не спијат, преку глава ни е од загадувањето“

Средношколци преку социјалните мрежи најавуваат бојкот на наставата во сите средни училишта, во знак на протест против високото ниво на загаденост на воздухот.

Со ова, тие порачуваат дека очекуваат институциите да реагираат на нивниот повик, вели средношколецот Л. П. од Скопје за Радио МОФ. Тој вели оти како дел од организацијата „Средношколски глас“, правеле бројни еко акции, но сфатиле оти загадувањето е преголемо, па затоа ги повикаа сите средношколци да им се приклучат во бојкотот.

„Ни дојде преку глава и на тој начин сакаме да покажеме дека и ние младите не спиеме, туку дека сме тука. Доста ни е од молк, доста ни е од оваа ситуација“, вели Павловски.

Со бојкотот тие се приклучуваат на протестот против загадувањето закажан за петок (20 декември).

„Средношколци, родители, професори, секоја наредна година, секој нареден ден, станува се полошо. Ние, средношколците, сме крајно изреволтирани од непреземањето ништо, лежерноста на власта и немањето идеја како да се реши овој најголем проблем. Затоа, во петок, на 20.12.2019. ние, средношколците, нема да присуствуваме на настава во сите средни училишта. Целта на ова е власта и сите општествен фактор да се фокусираат на овој проблем, а по бојкотот ќе се приклучиме на Зелениот фронт и нивните барања, кои се единствено решение за оваа неподнослива ситуација. За нашите животи се работи“, стои во најавата за бојкотот.