Средношколците маршираат низ Скопје – „Ние сме иднината“, „Сега ќе не слушнете“

Со кренати транспаренти во рацете, извикувајќи „Ние сме иднината“, „Сега ќе не слушнете“, „Доста беше молк“, средношколците стигнаа пред зградата на Министерството за образование како крајна дестинација на денешниот марш.

„Се обидовте од нас да направите летаргични луѓе, се обидовте од нас да направите конформисти и направивте упад во нашето право на избор. Оваа критична маса овде е вашиот најголем успех. Баталете ги политичките партии, ние сме вашата закана“, рече во својот говор пред МОН ученичката Евгенија Јанакиевска.

Со маршот средношколците уште еднаш побараа од Министерството за образование и наука да се стават во мирување аконските одредби за екстерно тестирање, и го искажаа својот револт од новиот концепт на државната матура кој почнува да важи од оваа учебна година. Со него, покрај останатото, полагањето на предметот математика стана задолжителен за сите матуранти, без разлика на нивната сегашна струка и идните планови за избор на факултетот на кој би го продолжле своето образование.