Средношколци претставија предлог-решенија за подобрување на состојбата на река Брегалница

Подигањето на свеста кај граѓаните кои себеси се гледаат како да не се дел од природата, подобрување на функциите на пречистителните станици и поттикнување на идејата за изградба на поголем број пречистителни станици. Ова се дел од предлог-решенијата за подобрување на состојбата на реката Брегалница кои ги предложија учесниците од средношколскиот натпревар „Водните ресурси во моето место на живеење: минато, сегашност, иднина“, пишува „Разбистри сè“.

Едно од решенијата на натпреварот кој беше организиран од Здружението на граѓани „Еко Логик“ во соработка со Институтот за комуникациски студии како дел од кампањата „Разбистри сè“ е на првонаградениот Андреј Бубевски, чија идеја е создавање на едукативна еко-патека до водопадот Скокото пристапна и за лица со попреченост.

„Мојата главна идеја беше реконструкција на патеката од Скокото водопадот со тоа што ќе привлече голем број на туристи. Патеката ќе биде изработена, така што ќе бидат вклучени што е можно повеќе локални мали бизниси и маргинализирани лица. Локалната заедница е вклучена уште со самата идеја со тоа што по реализацијата таа директно им овозможува промоција и зачувување на природните богатства што самата природа ги нуди токму во близина на општината”, рече Бубевски.

Второнаграденото решение кое опфаќа формирање на т.н. „Search Engine“, преку кој со секој добиен клик се добива одредена сума на пари е на Викторија Јаневска. Преку него, придонесите ќе бидат насочени кон набавка и засадување дрјав околу овие региони, кои би помогнале во борбата против глобалното затоплување, додека на долг рок ќе помогне и со намален број на суши.

„При секој клик на страната, всушност се добива одредена сума на пари, при што побрзо можеме да дојдеме до нашата цел. Ваков сличен пример е пребарувачот ‘Ecosia’, кој засадува дрвја во држави како Етиопија каде што потребата на дрвја е многу изразена”, истакна Јаневска.

Третата награда ја понесе Клара Бојчовска со нејзиното решение за подобрување на функциите на пречистителните станици.

„Цел на изградбата на пречистителна станица за отпадни води, е заштита на течението на реките од загадување на водите со отпадни води од домаќинствата и индустријата во регионот”, рече Бојчовска.

На четврто место се најде решението на Давид Михаиловски за собирање и складирање дождовна вода за наводнување, додека пак петата награда ја освои Теодора Лазаревска со идејата кампања за подигање на свеста и едукација на граѓаните за заштита на реката Брегалница.

Според најновиот извештај од Институтот за светски ресурси, Македонија е меѓу државите кои се со исклучително висок ризик да останат без вода или со малку вода до 2040 година. Сувите периоди и ненадејните поплави ќе бидат почести и повеќе изразени, а недостигот на вода ќе биде најизразен во источните делови од земјата.

Очекувањето е дека сливот на Брегалница ќе претрпи најголемо влијание од климатските промени и проектираните загуби на вода ќе бидат 24 проценти до 2100 година.

Разбистри сè