Средношколци преку пилот програма ќе волонтираат во локалната заедница

Во 2020 година, „Еквалис“ како дел од работната група Млади МОН достави предлог за спроведување на Програма за служење на заедницата во средните училишта. После неколку години застапување за оваа иницијатива, „Еквалис“ информира дека програмата го најде своето место во Националната стратегија за млади 2023- 2027 година која беше усвоена на 187-ата седница на Влада.

„Во акцискиот план на Националната стратегија за млади 2023- 2027 е предвиденo воведување на пилот програма за волонтирање за учениците од средните училишта во локалната заедница. Според стратегијата се задолжуваат неколку институции, Бирото за развој на образованието како водечка институција, во соработка со Министерство за труд и социјална политика, Министерство за образование и наука во соработка со граѓанските организации. Според оваа стратегија, пилот програмата ќе треба да се спроведе во 16 училишта, во 8 општини низ државата“, велат од „Еквалис“.

Од таму посочуваат дека Сојузот на средношколци ја застапуваа иницијативата, како и други организации од работната група Млади МОН, кои дадоа поддршка кон идејата.

„’Еквалис’ во својот предлог кон Министерството понуди концепт врз којшто оваа програма може да биде реализирана, фонд на часови којшто ќе биде реализиран во волонтирање, како предметот ќе биде оценуван (pass/fail), како и водење на дневници за рефлексија коишто ќе бидат значителен дел од овој процес“, објаснуваат од „Еквалис“

Преку оваа програма, „Еквалис“ сака да го формализира концептот на волонтирање и пред се’ да стигне до повеќе млади низ целата држава. Свесни дека волонтирањето и учеството во општествено ангажирани акции е се’ уште ограничено, велат тие, оваа програма ќе им даде можност на повеќе луѓе да учествуваат директно во подобрување на своите заедници.

„’Еквалис’ сепак ќе продолжи да застапува дека при спроведувањето на оваа програма ќе треба да се даде целосен пристап и слобода на учениците да избираат во која кауза ќе го посветат своето време како дел од програмата за служба на заедницата и дека училиштата и општините ќе овозможат пристап до различни организации и иницијативи. Во изминатиот период сме сведоци, како лично, така и преку други организации дека пристапот до училиштата и соработка со нив станува се потешка, особено кон организации коишто работат на таканаречини ‘поконтроверзни’ прашања“, велат од „Еквалис“.

Фото: Unsplash

Потребата за проактивност, ангажираност и учество на младите, на линија со должности кон заедницата, може да се увиди доколку се погледнат неколку истражувања од изминатите години.

Главните наоди од истражувањето „Потреби на младите на локално ниво”, спроведено  од Здружението „Младите можат“,  покажаа дека огромно мнозинство од младите никогаш не биле вклучени во решавање на некаков проблем во општината. Односно 70.4% (Аеродром), 79.8% (Ѓорче Петров) и 72% (Карпош).

Исто така, истражувањето „Младинско статус кво – 10 години стагнација“ на МОФ потврди дека за половина од младите грижата кон заедницата не е нивна обврска – релативно е мал интересот за граѓански ангажман, а една четвртина од средношколците не би учествувале во волонтерски активности.

Една третина беа на ставот дека „ништо нема да сменат“.

Над 70 отсто од средношколците сметаа дека другите луѓе „ќе се обидат да ги искористат“. Уште повисок е бројот кај студентите, 86 отсто, кои сметаа дека при комуникација, другите луѓе нема да бидат фер.

Според друго истражување на МОФ и ВФД, „Социо-политичко учество на младите“, само 8 отсто од испитаните млади биле вклучени или консултирани од институциите при носење на одлуки на локално и централно ниво. Ова, ја покажува и недовербата кон донесувачите на одлуки во системот, а тоа им одмага да тргнат во било каква иницијатива.

Во поглед пак на должностите од Законот за млади, во анкета на Радио МОФ, само 3 од 16 организации рекоа дека нивната општина обезбедила младински простор. Тоа се токму простори каде младите би се спојувале, дружеле и активирале. Истовремено, скоро сите организации во нашата анкета наведоа дека имале намалување од 80% на теренските активности во време на пандемијата. Ова значи, требале да ја реобмислуваат врсничката едукација, имале ограничување на волонтерски иницијативи, пропаднати пракси, но и помалку работа со млади на локални акции во заедницата.

Проблемот досега, меѓу другото, е што сите активности и иницијативи поврзани со помагање во локалната заедница се надвор од формалниот образовен систем и, како такви, нивната вредност е донекаде непризнаена. Ваквите проблеми се „заглавени“ во невладиниот сектор, дел од нив завршуваат и како книгички на некоја полица, без долготраен ефект, туку само активни додека заврши проектот. Не дека невладиниот сектор не помага за ангажман на младите, туку работата е да се одвива паралелна едукација и во формалното образование.

Ако некогаш генерации млади граѓани биле поттикнувани да помагаат за пошумување на Водно, да учествуваат во студентски акции за спасување по скопскиот земјотресот, во ударнички акции за изградба на болници и разни објекти, во акции за помош на социјално загрозени… работата е денеска таквиот „мајндсет“ да се создава уште од школо. Да не биде оставено само на наставници ентузијасти, на невладини организации, туку на организиран систем, со корени всадени на локално ниво.

Бојан Шашевски