Ученици од гимназијата „Ибрахим Темо“ утрово се собраа на протест пред влезот на Основниот суд во Струга по вчерашниот инцидент во кој професор истепал ученик со железен боксирач.
Учениците преку собирот побараа казна за професорот и велат дека не се чувствуваат безбедни. Дел од нив денеска ја бојкотираа и наставата.
Против професорот е поднесена кривична пријава поради постоење основи на сомнение за сторено казнено дело „насилство“. Од Основното јавно обвинителство Струга информираат дека професорот добил и осум дена притвор.
„Во насока на непречено одвивање на кривичната постапка, надлежниот јавен обвинител до Основниот суд Струга достави Предлог за определување на мерката притвор за осомниченото лице. Судот го прифати предлогот на обвинителството и со Решение на осомничениот му определи притвор во траење од 8 дена“, информираат од обвинителство.
Вчерашниот инцидент следел по кратка вербална расправија на осомничениот професор со мајката на оштетениот ученик. Со повреди на главата, ученикот беше примен на Хируршкото одделение, по што е пуштен на домашно лекување.
Фото: Струга онлајн