Во пет средни електротехнички училишта ќе се користи апликација за виртуелна реалност во наставата. Се работи за прва ваква апликација, развиена од „Лабораторијата за стекнување на работни вештини преку виртуелна реалност“. Таа поточно треба да им служи на средношколците во стручните електротехнички училишта.
Преку неа, учениците ќе можат да се транспортираат во дигитален фабрички погон и да стекнуваат вештини за заштита при работа, движење во простории каде има опасен напон, работа со алати и инструменти, идентификување дефекти во електропростор и нивно отстранување.
Изработката на апликацијата е дел од проект кој го разви Центарот за социјални иновации БЛИНК 42 – 21, а во 2020 година беше селектиран како финалист на глобалниот предизвик за работни вештини помеѓу 473 проекти од 100 земји. Проектот се реализира со поддршка на Меѓународната организација на трудот (МОТ), а во соработка со Организацијата на работодавачи на Македонија.
„Информатичката технологија е наша реалност. Ако сакаме да одиме напред мораме правилно и продуктивно да ја користиме. БЛИНК 42 – 21 изминативе години се посвети на унапредување на образовниот систем преку нови дигитални решенија. Технологијата и обуката на младите и просветните работници за користење на овие уреди се нужност, бидејќи живееме во ера кога „ограничувањата“ не се опција. Неопходно е да се предочат позитивните страни од дигитализацијата, технологијата и ИТ-уредите, со цел да се користат за добро“, посочуваат Милан Танчески и Зорица Велковска, ко-основачи на Центарот за социјални иновации БЛИНК 42 – 21.
ВР апликацијата е подеднакво корисна и за компаниите од електроиндустријата, имајќи предвид дека овозможува 3Д симулација на работните процеси, со што може да се обезбеди и соодветна обука за вработените – вклучени во тие работни процеси.
„Виртуелната реалност полека ја надминува фазата на додаток за забава, и сериозно се наметнува на пазарот за обуки. ВР-апликациите нудат безброј можности за стекнување нови технички и практични знаења во целосно безбедна средина, како и за прибирање податоци, приспособување на модулите, и нивна примена во други средини. „Лабораторијата за стекнување вештини преку ВР“ е еден од начините за учење и градење капацитет за полесно интегрирање на младите на пазарот на трудот “, истакна Наташа Симјаноска, проектен координатор на МОТ.
Петте средни стручни училишта во кои ќе се пилотира апликацијата ќе добијат и соодветна ИТ опрема (компјутери и ВР уреди), со цел целосно користење на придобивките од ВР технологијата.