Средношколци од „Нова“ станаа квиз-шампиони на Централна и Источна Европа

Два тима на средношколци од меѓународното училиште „Нова“ освоија прво и второ место на Интернационалниот натпревар CEESA Knowledge Bowl кој се одржа во нивното училиште.

На дводневниот натпревар учествуваа три тима од „Нова“ кои се натпреваруваа со ученици од Софија, Белград, Љубљана, Загреб и Краков. Две екипи предводени од средношколците Петар Пешев и Арт Саити се најдоа на првата и на втората позиција додека третиот тим на Нова, чиј капитен беше Емилијан Чузмичи, се пласираше на четврто место.

Концептот на овој турнир е учесниците да одговараат на случајно избрани прашања од теми од различни полиња како природни науки, историја, географија, уметност, лингвистика итн.

„Презадоволни сме од успехот кој го постигнаа нашите ученици кој воедно е и мотивација за сите следни тимови кои ќе се појават на CEESA Knowledge Bowl. Овој натпревар е на исклучително високо ниво и се оценува севкупното знаење на еден тим од сосема различни области. Во многу силна конкуренција, нашите екипи ги освоија првите места и се надеваме дека ќе продолжиме во таа насока и во иднина“, велат од меѓународното училиште „Нова“.

CEESA Knowledge Bowl е турнир кој се одржува секоја година во различни градови, а во него учествуваат образовни институции од Централна и Источна Европа. За да се победи на овој натпревар потребно е да се има енциклопедиско знаење како и брзина со оглед дека поставеното прашање го одговара оној што прв ќе го стисне тастерот.

Досега натпреварот се има одржувано во Виена, Братислава, Санкт Петербург, Загреб, Љубљана и во многу други метрополи.