Средношколци од гимназијата „Орце Николов“ поставија паркинг за велосипеди во училишниот двор

Преку акција, средношколци од скопската гимназија „Орце Николов“ поставија паркинг за велосипеди во училишниот двор.

Нивната идеја потекнала од желбата да ја промовираат велосипедската култура меѓу своите соученици, но и нивната реална потреба поради недостатокот од места за паркирање на велосипеди во дворот во училиштето.

Според анкетата која ја спровеле претходно, повеќе од 27% од учениците во училиштето доаѓаат на училиште со велосипед. Но, забележале дека училиштето не располагало со доволно паркинзи за велосипеди во дворот, во кој учениците ќе можат безбедно да ги паркираат. Поради ова, тие побарале од надлежните институции дозвола за поставување на паркинг за велосипеди.

Нивната акција е дел од активностите на Клубот за демократско учество, организиран од Младински образовен форум.

Во текот на минатите неколку месеци, средношколци активно учествуваа во младинскиот клуб, кој програмата ја затвори со младинска иницијатива за олеснување на ученичкото секојдневие.

„Процесот на застапување кој се одвиваше во текот на летниот период произлезе од знаењето кое членовите го стекнаа за време на своите предавања во клубот за демократско учество. Предавања опфатија теми од областа на демократија, човекови права, форми на младинско организирање, активизам и застапување“, информираат од МОФ.

Клубот за демократско учество е во склоп на проектот „Зајакнување на демократски компетенции“. Активноста е поддржана од Фондацијата за демократија Вестминстер преку Иницијативата за демократија на Вестминстер поддржана од Владата на Велика Британија.