Средношколци од „Георги Димитров“ донираа во дневниот центар за деца во Шуто Оризари

Средношколци од СУГС „Георги Димитров“ неодамна го посетија Дневниот центар за деца на улица во Шуто Оризари, и оставија свои донации собирани во училиштето. Облека, храна, пакетчиња, беа само дел од работите со кои ги усреќија овие деца.

Овде за првпат средношколците се сретнаа со институција како Дневен центар за деца, која се грижи за децата кои доаѓаат од улица и им нуди различни активности.

„Дневниот центар пред се претставува отргнување од улица, вклучување во нормалните текови на општественото живеење. Преку дневниот центар децата стекнуваат работни навики; хигиенски навики , неформално образование, а најважното вклучување во образовниот процес. Се бориме да бидат корисни граѓани на општеството, “ објаснува наставничката Ирена Велкоска која ги пречекува овие деца.

Ова е само дел од целите коишто наставниот кадар во Дневниот центар се труди да ги исполни. Но, честопати средствата што ги  поседува дневниот центар не се доволни за целосно исполнување на целите.

„Потребна е храна за децата. Се случува и децата кај нас само со еден единствен оброк да го поминат денот, бидејќи родителите кога ќе се вратат од „работа“, бидејќи по контејнери, нема дома кој да ги пречека со топла чорбичка, туку тоа што го собрале од контејнерот ќе го принесат. Бидејќи се зборува за ранлива група каде што никој од нив не се приматели на социјална парична помош, заработуваат со препродавање на пластика, собирање и продавање на пластичните шишиња и сл“, вели наставничката.

Она што е најважно, вели, е детето да стекне доверба дека центарот сепак се грижи за нив, работи за нив и мисли добро за нив.

„Покрај љубовта и грижата што ја пружаме секојдневно, бидејќи од  семејствата не ја добиваат таа искра на љубов и подршка, а паралелно се образуваат односно се описменуваат. Што се вели до вчера кога ги прашувавме: ‘Кој е главен град на Македонија?’, одговараа со: ‘Шутка’, бидејќи само за тоа знаат. Но денес, животниот стил им се менува, начинот на размислување, погледите кон животот.“

Донациите се важни за овој центар. Минатата година на 35 деца преку донација им било озвозможено летување во Охрид, а на 18 деца да учествуваат во меѓународната извидничка смотра. За овие деца понатаму да продолжат на подобар пат, потребна е  хуманоста. Што е тоа што е најмногу потребно во дневниот центар?

„ Секоја донација е добредојдена. Од храна, облека, хигиенски средства, финансиски… Немора да биде парично,може на лице место да му биде доделено нешто.  Кога некој ќе дојде во центарот, со особена радост го пречекува, бидејќи сепак некој дошол и му посветил внимание, а тоа значи многу за нив“, посочува наставничката.

И за крај открива: „Тие се уште прашуваат за учениците што ги посетија од СУГС „Георги Димитров“ и кога повторно ќе ги посетат. Малку внимание за нив значи многу“.

Минеа Хасиќ