Средношколци од цела држава ќе се натпреваруваат на 46. натпревар по латински јазик

Во организација на здружението Антика и Институтот за класични студии при Философскиот факултет во Скопје, на 13 мај, 2017 година, во просториите на Философскиот факултет во Скопје, со почеток во 10:30 часот, ќе се одржи XLVI Државен натпревар по класични јазици за учениците од гимназиите и средните училишта од Република Македонија.

На натпреварот учествуваат ученици од средните училишта од цела Македонија.

Учениците се натпреваруваат во три категории за латински јазик, според степенот на изучување на јазикот и според струката: почетно и продолжително ниво за гимназија и здравствена струка и една категорија старогрчки јазик: почетно ниво.

Натпреварите финансиски ги поддржува Философскиот факултет. Во организацијата активно учествуваат и студентите од Институтот за класични студии. За време на натпреварите, натпреварувачите ќе можат да се запознаат со студиската програма и со активностите на Институтот за класични студии и на Философскиот факултет. Предвидена е и посета на Археолошкиот музеј на Македонија.

За време на натпреварите, здружението Антика вообичаено го одржува своето Годишно собрание.

Здружението постои од мај 2001 година. Тоа е здружение на професионалци и студенти кои се занимаваат со истражување, унапредување на образованието и наставата по класичните јазици и литература, преведување на дела од класичните автори, негување на античкото наследство во Република Македонија и популаризација на класичната филологија.

Од 2004 година здружението е член на Европската асоцијација за класични јазици и цивилизации ЕВРОКЛАСИКА (EUROCLASSICA), која претставува федерација на национални здруженија на професори по класичните јазици од европските земји.