Средношколци преку социјалните мрежи се организираат во среда да се соберат пред Министерството за образование и наука и уште еднаш да побараат екстерното тестирање да се укине.
Зборно место е Градски парк, кај фонтаната, од каде средношколците ќе се упатат кон МОН, во 18 часот.
Најавата за собирот доаѓа една недела пред првиот рок за полагање на екстерното тестирање.
Учениците не знаат дали треба да се подготвуваат бидејќи мандатарот за состав на новата влада, Зоран Заев, најави дека ќе го укине веднаш штом Собранието почне да работи. Сепак, министерот Пиштар Љутфиу изјави дека на крајот на оваа учебна година ќе има екстерно тестирање.
Основните и средните училишта во земјава ги прават последните подготовки за спроведување на тестирањето. Државниот испитен центар соопшти дека ќе се полага на 5, 6, 8 и 9 јуни. Подготвени се 450 илјади прашања за сите предмети кои до 15 мај беа јавно прикажани.