Средношколци на посета кај Пендаровски, учеа за надлежностите на Претседателот

Дваесетина средношколци од неколку градови во земјава денеска го посетија претседателот Стево Пендаровски, за одблизу да се запознаат со неговата работа и надлежности, но и историјатот на Кабинетот на Претседателот на државата.

Тие имаа прилика да влезат во дел од работните постории во Вила Водно и да поразговараат лично со него.

Посетата е во рамки на проектот „Учиме право“ (Street Law) на Младинскиот образовен форум, преку кој младите се едуцираат за човековите, граѓанските и политичките слободи и права, демократијата и концептот на владеење на правото, Европската Унија и процесот на евроинтеграција на нашата земја.

Во разговор со средношколците, претседателот Пендаровски ги информираше за своите уставни и надлежностите во надворешната политика, во секторите одбрана и безбедност, за обврските како Врховен командант на вооружените сили, како и за политичката функција на институцијата Претседател.

„Институцијата Претседател треба да претставува мост меѓу различните политички интереси во нашата земја. Мојот Кабинет е отворен за сите политичари, без разлика дали се на власт или во опозиција“, рече претседателот Пендаровски во разговорот со младите луѓе.

Истовремено претседателот Пендаровски им порача на младите луѓе да бидат будни и гласно и неуморно да се борат за своите права. Бидејќи, како што додаде претседателот Пендаровски, ниту една држава не може да напредува, ако од животот во неа се задоволни само возрасните.

„Вие, младите генерации треба побрзо да ги учат лекциите за демократија. На политичарите не смеете да им дозволите да имаат мирен мандат“, заклучи претседателот Пендаровски.

Средношколците од своја страна, во разговор со претседателот Пендаровски, истакнаа дека целта на проектот „Учиме право“ е да создаде врска помеѓу концептот на демократијата, човековите права и правниот систем и нивното влијание во секојдневниот живот.