Средношколци ќе може да истражуваат во лабораториите на ЈП Водовод и канализација – Скопје

Од следната учебна година, учениците од профилот медицинско лабораториски санитарен техничар при СМУГЦ „Д-р. Панче Караѓозов“ ќе можат да одат на пракса во лабораториите на Секторот за санитарна контрола при ЈП Водовод и канализација – Скопје. Тие ќе бидат под менторство на експерти од доменот на испитувањето на квалитетот и безбедноста на водата.

Ова е договорено со меморандумот што го потпишаа ЈП Водовод и канализација – Скопје и стручното училиште за унапредување на научно-истражувачката работа. На средбата беа договорени фазите за понатамошната соработка меѓу институциите.

„Со воспоставување на оваа соработка во насока на унапредување на практичната настава во согласност со Законот за средно образование, ги ставаме на располагање нашите ресурси и кадарот во рамки на Секторот за санитарна контрола и овозможуваме услови за изведување на практична настава но и научно истражувачка работа. На тој начин делуваме во создавање на нови квалификувани кадри, општествениот просперитет и унапредувањето на пазарот на трудот“, вели Душко Весковски, генерален директор на ЈП Водовод и канализација – Скопје.

На ова се надоврза Билјана Петровска, раководителка на Секторот за санитарна контрола, која е задоволна од почетокот на соработката. Според неа, ова претставува уште една од низата на отворени можности за споделување на знаењето во научно- истражувачката работа во полето на испитувањето на водата.