Средношколци ги откриваат трагите од Првата светска војна во Дојран

На 27 и 28 февруари во Дојран се одржа втората работилница организирана во рамките на проектот на АЛДА Скопје „Прва светска војна и млади – мир и помирување“. Работилницата вклучи ученици од Битола, Скопје, Струмица, Богданци, Дојран и Тетово кои преку посета на терен и интерактивни предавања ги продлабочија своите познавања за овој период од историјата на Македонија.

30 средношколци во придружба на своите професори и предавачи/истражувачи од областа на историјата и археологијата имаа можност да ја посетат фронтовската линија во близина на Стар Дојран каде се одвивале битките, да се запознаат со условите во кои војниците се бореле и секојдневието на локалното население во тој период.

Работилницата и посетата на фронтот се дел од проектот „Прва светска војна и млади – мир и помирување“ кој има за цел да придонесе кон спречување на конфликтите  преку активности за покренување на свеста во средните училишта за геополитичкиот контекст на Првата светска војна, придонесот на Велика Британија во битките во Македонија за време на Првата светска војна и лекциите научени од овој конфликт во прилог на мир и помирување помеѓу нациите.

Ова е втора работилница од проектот, после првата која се одржа во Битола во ноември 2016 година. После оваа работилница, младите ќе изработуваат лични проекти на оваа тема и истите ќе бидат презентирани на јавен настан кој ќе се одржи во Скопје во март оваа година.

Овој настан го организира АЛДА Скопје во рамки на проектот „Прва светска војна и млади – мир и помирување“ поддржан од страна на Британската амбасада Скопје.