Утре (29 септември), ректорот на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје проф. д-р Велимир Стојковски ќе биде организатор и домаќин на трилатерална средба за научна соработка меѓу водечките универзитети и академиите на науки на Република Македонија, Република Турција и Република Бугарија.
На состанокот ќе присуствуваат ректорите Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, Универзитетот во Истанбул и на Софискиот универзитет „Св. Климент Охридски и претседателите на Македонската академија на науките и уметностите, Турската академија на науките и Бугарската академија на науките, придружувани од делегациите на соодветните институции.
На состанокот ќе бидат дефинирани заедничките приоритети за соработка во повеќе научни области што е од особено значење за заедничко учество и подобро искористување на европските и други истражувачки и развојни фондови.
Трилатералната средба ќе се одржи во Охрид, во просториите на Конгресниот центар при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, со почеток во 10,00 часот, на која ќе се обрати и министерот за образование и наука на Владата на Република Македонија г. Абдулаким Адеми.