Средба на поетските генерации на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“

Со манифестацијата „Средба на поетските генерации“ утре, 19 декември, во 11 часот, на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје, Друштвото на писателите на Македонија ќе ја одбележи 96-годишнината од раѓањето на Блаже Конески.

Со учество на 20 поети од разлини генерации ДПМ ќе му оддаде почит на големиот творец и научник и прв претседател на македонската писателска асоцијација, чиј опус како поет, раскажувач, есеист, филолог и преведувач, остави длабоки траги во македонската национална и културна историја. Пред љубителите на литературата и почитувачите на делото на Блаже Конески, на Филолошкиот факултет ќе настапат поетите: Ристо Лазаров, Иван Џепароски, Владимир Мартиновски, Делвина Керлуку, Раде Силјан, Милован Стефановски, Јулијана Величковска, Зоран Анчевски, Иван Антоновски, Лејла Шериф Емин, Илија Велев, Ресул Шабани, Санде Стојчевски, Кристина Николовска, Христо Петрески, Филип Клетников, Александра Велинова, Олга Панкина, Леетив Намдагјаншивин и Ирена Јурчева. За поетското послание на Блаже Конески ќе зборува претседателот на ДПМ Веле Смилевски.

Во рамките на Деновите на Блаже Конески, кои ДПМ традиционално ги одржува по повод годишнината од раѓањето на поетот, утре писатели за деца, предводени од Стојан Тарапуза, претседател на Клубот „Ванчо Николески“, ќе настапат во Основното училиште „Блаже Конески“ во Скопје.