Средба меѓу првиот (Коце Трајановски) и најдобрите (матурантите)

На манифестацијата со интересен наслов: „Средба меѓу првиот и најдобрите“, градоначалникот на Скопје Коце Трајановски им додели признанија и парични награди на најдобрите 27 матуранти првенци на генерацијата од 21 средно училиште во Скопје.

„Искрено се радувам што присуствувам на еден ваков прекрасен настан, кога се оддава признание на успехот во учењето и се слави знаењето. Манифестацијата „Средба меѓу првиот и најдобрите“ има за цел да го афирмира знаењето и училишниот успех на првенците на генерација во средните училишта на Градот Скопје и да им се оддаде јавно признание за постигнатите резултати“, изјави скопскиот градоначалник за време на манифестацијата.

Тој истакна дека најважната задача на секоја образовна институција е кај учениците да ги развива и зајакне творечките и креативни сили, а знаењето е најголемиот дар што човек може да го поседува.

Со цел да се мотивираат учениците за повисоки достигнувања и годинава беа наградени ученици од средните стручни училишта кои се опфатени со тригодишното образование.

Минатата недела, во организација на Секторот за локален економски развој на Град Скопје, за првенците на генерација и за ученици матуранти коишто покажале успеси во текот на школувањето, беше организирана традиционалната еднодневна наградна екскурзија насловена „По стапките на творците на градот“, информираа од Градот.