Минатата вечер во Белград се одржа седмиот по ред Протест против диктатурата, со што се одбележа една недела протести против српскиот режим. Протестите се одржуваат секојдневно, откако преку повик на Фејсбук првиот собир на 3 април го организираше студент од Белград.
Седмиот протест против диктатурата во Белград, на кој присуствуваа околу 10 илјади граѓани, започна пред Собранието на Србија. Организаторите на протестот најавија и нов собир, за денес во 18 часот.
Најголем дел од протестантите се студенти, но има и голем број постари сограѓани.
Организаторите на настанот прочитаа соопштение во кое наведуваат дека секој има право да ги поддржи протестите, како и дека сосема се оградуваат од влијанието на политичките партии. Уште еднаш побараа да се смени главниот уредник на Радио Телевизија Србија и уредникот на информативната програма на РТС, поради „режимско известување и нерамномерна застапеност на претседателските кандидати во предизборната кампања. Бараат и да се исчисти избирачкиот список, да се сменат членовите на Републичката изборна комисија, да се поедностави процедурата на гласање во дијаспората, и уште неколку услови слични на оние кои Шарената револуција и ги достави на Владата на Македонија во мај.
Пред просториите на РТС, илјадниците протестанти скандираа „РТС – СНС“, „Вучиќ, крадецу!“ и „Долу диктатура“.
Вчерашниот протест беше најброен во изминатата недела. После просториите на РТС, протестантите продолжија кон споменикот „Венецот на Андриќ“. Околу 21:30 часот, протестот завршил каде што и почнал – пред Собранието на Србија.
„Протестот настана спонтано, доследно на растечкото разочарување во функционирањето на државните институции, непостоењето на слободни медиуми и нерамномерното претставување на различните политички опции во текот на предизборните претседателски кампањи. Напоменуваме дека протестот настана како вид на потреба да се слушне незадоволството. Иако го нарекуваат „студентски протест“ во медиумите, овој протест е протест на сите граѓани во кои најмасовно учествуваа студентите и младите“, се истакнува во соопштението на организаторите на протестот.
И српските протести, слично како и на македонскиот отпор, се најавува дека ќе се одржуваат „секој ден во 6“.