Србија се подготвува за легализација на геј-браковите

Србија го подготвува теренот за регулирање на статусот на припадниците на ЛГБТ-заедницата, а на 4 јуни ќе биде претставен моделот на законот за регистрирани истополови заедници, јавуваат српските медиуми.

Според весникот Новости, на јавната расправа на 4 јуни детално ќе биде изложен предлог-законот, во кој засега нема членови кои го регулираат посвојувањето деца од страна на истополови родители. За партнерите кои живеат во повеќегодишни заедници, предвидено е да им се овозможи да наследуваат недвижен имот, да уживаат пензија или друга социјална помош во случај на смртта на дотогашниот партнер, да можат да се посетуваат во болница како членови на најблиското семејство итн. Услов за сето ова ќе биде запишувањето во посебен регистар, кој би го воделе матичарите.

Србија е прва балканска земја во која се разговара за регулирање на статусот на лицата кои живеат во истополова заедница. Десничарските здруженија најавуваат борба пред Уставниот суд за да се спречи донесувањето на ваквиот закон.