Србија работи на тргнување на канабисот од листата на наркотици

Министерот за здравство на Србија, Златибор Лончар, вчера изјави дека Србија како членка на Обединетите нации ќе ја почитува одлуката на Канцеларијата на ОН за дрога и криминал да се тргне канабисот од листата на наркотици и наведе дека Србија веќе работи на тоа, пренесува РТС.

Лончар, на заедничката конференција за новинари со министерот за здравство на Македонија Венко Филипче, кажа дека нема причина Србија да не ја почитува одлуката на ОН.

„Веќе влеговме во таа проблематика и ние како членка на ОН ќе испочитуваме сè. Работиме на тоа и како тие замислиле нема причина да не примениме, а да не ги загрозуваме граѓаните и законодавството“, кажа Лончар.

Додаде дека одлуката за тоа ќе ја донесат најголемите експерти во Србија и, наведувајќи дека тоа е исклучително чувствителна тема, ги замоли сите да не нагаѓаат однапред што и како ќе биде, туку да се стрпат.

„Темата е исклучително чувствителна. Најстручните луѓе во контакт со ОН ќе го дадат решението. Потребно е трпение“, заклучи српскиот министер.

„Новости“ од Србија пренесува дека локални здруженија испратиле писмо до државниот врв, со цел да се надмине сериозниот правен проблем предвиден од неажурноста на Комисијата за контролирани психоактивни супстанци, по одлуката на ОН за отстранување на канабисот од списокот на наркотици.

„Од 2 декември 2020 година, канабисот беше отстранет од Списокот на наркотични средства – психоактивно контролирани супстанции, опасни по животот и здравјето и ставен во групата на оние што се користат за терапевтски и научно-истражувачки цели. Бидејќи оваа одлука е дел од Единствената конвенција за наркотични дроги од 1961 година, ратификувана во Парламентот на СФРЈ, таа стана обврзувачки дел од нашиот правен систем“, се вели во писмото.

Ако тоа не биде сторено, велат здруженијата, Србија може да се најде на црната листа на Канцеларија на Обединетите нации за дрога и криминал (УНОДЦ).

Затоа, посочуваат тие, на сите членки на ОН ќе им биде наредено да престанат да издаваат дозволи за увоз или извоз за сите супстанции под контрола на УНОДЦ, а тоа се повеќето лекови, суровини и готови производи.

„Нагласуваме дека секој ден одложување претставува сериозно кршење на основните човекови права на болните и влошување на нивното здравје“, стои во писмото.

Инаку, по повод Светскиот ден на канабисот, Здружението Социјален канабис клуб вчера со собир повика на усвојување закон за легализација на канабисот за медицински цели. Претседателот на здружението, Милош Симиќ, на собирот пред зградата на Владата на Србија рече дека повеќе од 35 земји дозволиле лекување на луѓе, од кои 18 целосно одобрен канабис.